Институтот за судска медицина ги демантира информациите објавени дека било утврдено точното време кога се случила трагичната сообраќајна несреќа во која загина новинарот и сопственик на „Фокус“, Никола Младенов, како и дека во моментот на несреќата автомобилот се движел со брзина од 150 километри на час.
Директорот на Институтот, Алексеј Дума за „Република“ вели дека таква изјава воопшто не дал и дека со објавувањето на такви информации се дезинформира јавноста
-Судска медицина ги дематира информациите објавени во некои медиуми дека брзината на возилото во времето кога се случила сообраќајната несреќа изнесувала 150 километри на час. Такво нешто ниту можеме ние да утврдиме, ниту имаме надлежност за такво нешто. Тоа не е во доменот на нашата работа. Руктурата на аортата на починатиот настанала поради нагло намалување на брзината со која телото се движело, меѓутоа ние ниту сме одредиле, ниту можеме да ја одредиме точната брзина со која се движело возилото, вели Дума за „Република“.
„Република“ од извори во истрагата дознава дека уредот што ја покажувал брзината со која се движи автомобилот бил застанат на повеќе од 140 километри на час, поради што има претпоставки дека возилото се движело со неприспособена брзина во моментот на несреќата.