Граѓаните во 2012 година до Народниот правобранител најмногу претставки поднеле за потрошувачките права. Ова го истакна народниот правобранител Иџет Мемети презентирајќи го Извештајот за степенот на обезбедување почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2012 година, кој денеска ќе биде доставен до Собранието на Република Македонија.
- Граѓаните поднеле 948 претставки за потрошувачките права со кои побарале заштита на правата за снабдување со топлинска енергија, за електрична енергија, за услугите од јавните-комунални претпријатија, за телефонските услуги и за наплатата на радиодифузната такса, рече Мемети.
Кога станува збор за потрошувачките права, како што посочи, не секогаш се почитува правото на избор на граѓаните, а квалитетот на услугите е на незадоволително ниво.
Мемети повика на толеранција, меѓусебно почитување и еднакво постапување кон сите граѓани без разлика на различностите.