Кога не можеш сам да победиш, тогаш зависиш од другите...Токму тоа и се случува на Македонија на овој Евробаскет, па има само една реална теорија за да се пласираме во следната фаза. Треба да навиваме за Литванија и за Србија, да победат се до крајот, а ние да ја совладаме Летонија со десет поени разлика.
Во една таква ситуација, Србија и Литванија ќе бидат на првите две позиции, а Македонија ќе биде третопласирана, со кош количник (+2). Летонците би имале кош - количник (+1), а Босанците би имале негативен кош - количник.
Но, тоа се само предвидувања и анализи, или ако сакате повеќе, наши желби, за како ќе се одвиваат преостанатите натпревари од групата Б на Евробаскет 2013 во Јесенице. Едно е јасно, ние веќе не решаваме сами за себе, освен што треба да ја победиме Летонија, и тоа со најмалку десет поени разлика. Сето останато е во рацете на другите репрезентации, а нашите симпатии треба да бидат наклонети кон Литванците и кон Србите.
Има и други варијанти, но помалку веројатно, а, сепак, многу повеќе ќе биде познато по вечерашните натпревари меѓу Србија - Летонија и Литванија - Црна Гора.