
Истражувањето се спроведе со цел да се добие појасна слика за сексуалната свесност кај младата тинејџерска популација пред влегување во возраст со активна сексуалност.
-Мотивот за спроведување на ова истражување беше да дознаеме колку тинејџерите се информирани за последиците и ризиците од активниот сексуален живот, па според тоа да креираме кампања која ќе ги едуцира и ќе го олесни влегување на тинејџерите во сексуалната зрелост, за да бидат подготвени и упатени во ризиците од сексуално преносливите инфекции и несакана предвремена бременост, изјави Елена Гагиќ од Меркур Трејд генерален дистрибутер на брендот Дурекс за Македонија.
Резултатите од анкетата покажаа дека 62% од вкупниот број на испитаници одговориле потврдно на прашањето дали користат кондом при сексуалниот чин. Сепак дадените одговори упатуваат на очигледна безгрижност и голем процент на неинформираност.
-Покрај уживањето при сексуалниот чин коешто треба да биде взаемно задоволство, исто така и сексуалната одговорност е взаемна, а тоа се двата темели врз кои Дурекс се изградил како производ и како бренд. Токму затоа едукацијата на младите ја сфаќаме како наша одговорност и затоа наша цел е: што поголем број тинејџери да знаат како се користат презервативите, како и колку долго се чуваат и дека купувањето кондоми и безбедниот сексуален чин е сечија одговорност“, изјави Елена Гагиќ.
Исто така анкетата покажа дека тинејџерите информациите за употребата на презервативи ја добиваат од интернет 54%, информации прекажани од кругот на пријатели 27%, 17% се информирале од другите медиуми, а 2% информациите ги добиле од разговор со родителите. Додека пак само 5% од испитаниците информациите ги добиле од доктор, што укажува на потреба од спроведување на едукација и пренесување на младите релевантни и точни информации.
-Возраста меѓу 15 и 18 година е исклучително важна за постигнување на сексуалната зрелост на тинејџерите. Во овој период, доаѓа до израз реализацијата на нивната сексуалност, прифаќањето на истата како и оформување на сликата или перцепцијата поврзана со сексот и сексуалниот чин. Многу е важно каква слика ќе изградат за сексот и како ќе ја стекнат одговорноста во врска со сексуалниот чин. Иако тоа е долг процес, сепак првиот чекор е отворено разговарање, интересирање и дозвола за лесно да можат да прашуваат за сето она што ги интересира. Потребно е да им овозможиме на тинејџерите отворено да разговараат и на правилно место да бараат точна информација, а не да „крадат“ од несигурни и нерелевантни извори, изјави психологот Марија Стефанова.
Анкетата беше спроведена меѓу тинејџери од 15 до 18 години во повеќе скопски средни училишта со различен сoцијален е едукативен профил, медицинско, економско, хемиско, гимназии и во различни делови од градот.