Македонски
превозници вечерва со десетина камиони и автобуси го блокираа граничниот
премин Блаце во знак на протест за косовската трговска блокада. АМСМ информира дека поради блокадата во прекин е сообраќајот за сите видови возила и во двата правца.
Билјана Муратовска, генерален секретар на здружението на транспортери МАКАМТРАНС, чии камиони се на Блаце, вели дека со блокадата сакаат да порачаат дека спуштањето на рампата од Косово е нестандардна и ригорозна мерка, што најмногу ќе ги погоди превозниците.
- Нашата намера целосно да го блокираме влезот и излезот на границата со Косово е во знак на протест. Бараме да
се седне и да се преговара и да се престане со овие блокади, зашто ние
транспортерите сме први кои ги чувствуваме последиците. Како и да е, што
и да се случува понатаму, сепак ќе седнат на маса. Зошто да губиме
време, вака најгласно ќе ја кажеме пораката што ја имаме, без намера да нанесеме било кому штета, зашто и без тоа сме блокирани, не можеме да влегуваме во Косово, вели Муратовска.
Во меѓувреме, и покрај
денешната средба на владини претставници на двете земји во Приштина,
продолжува ембаргото за македонски производи на Косово, како и плаќањето
такса за косовските граѓани и возила при влез во Македонија.
