Силвио живее во хаос, го мамат и го "молзат" кој како ќе
стигне, и редовно ги плаќа сите намирници кои пристигаат во куќата, вели
убавата Франческа Паскале (28), вереница на поранешниот италијански
премиер и милијардер Силвио Берлускони, кој е постар од неа 49 години.
Од моментот кога политичката среќа му сврте грб на Силвио
Берлускони (77), неговата врска со Франческа почна да ги полни
страниците на италијанските магазини.Паскале, која имаше премиера во јавноста кога го основаше фан клубот „Ни недостигаш Силвио!“, се појавила минатиот месец заедно со него на насловната страница на италијанското издание на Венити Феир во кој открила детали од нивниот заеднички живот.
„Затекнав неприфатлива состојба кога на почетокот на годината се доселив кај Силвио со мојата пудлица Дуду. Многу луѓе го искористуваат“ – потврдила младата Франческа и за италијанскиот весник Оџи.
„Морав да интервенирам. Замислете, плаќаше 80 евра за килограм боранија. Ви се верува ли? Му доставуваа огромни пратки риба секој ден во куќата, иако секој кој го познава знае дека тој не јаде риба. Не може ни да и’ го поднесе мирисот“ – открива Франческа.
Богатството на Берлускони се проценува на 6,2 милијарди долари, а во него се вклучени и медиумското царство Медијасет, издавачка куќа и фудбалскиот клуб Милан.
Италијанските медиуми пишуваат дека младата Франческа владее со резиденцијата на Силвио во Рим, и се надева дека ќе се омажи со него кога ќе добие развод од втората сопруга Вероника Ларио. Вероника го остави поради прељуба и афери со млади старлети.
„Вистина е дека немам влакна на јазикот, зборувам што мислам, брзо ги решавам нештата, а на него тоа му се допаѓа“ – вели вереницата Франческа која се надева на бурма.
Противниците на Берлускони тврдат дека серијата натписи за неговиот семеен живот и љубовта со младата вереница имаат за цел да фрлат сенка на претходните натписи за неговите оргии и лудите бунга-бунга забави со малолетнички.