
Атланта го загуби натпреварот кој се играше во „Америка Ерлајнс“ центарот во Мајами со 92-87, но Перо Антиќ, а и кошаркарската јавност во Македонија ќе го памети овој дуел како прв на наш кошаркар во дресот на НБА тим. Капитенот на нашиот национален состав одигра точно 15:47 минути на натпреварот и постигна една тројка од 6 обиди, притоа прифаќајќи 4 скокови (3 дефанзивни и 1 офанзивен) и 1 украдена топка во дуелите со Леброн Џејмс, Крис Бош и останатите.
Во составот на Атланта, Мајк Скот со 13 поени и 6 скокови беше најпрецизен, а со двоцифрен број на поени завршија и Милсап, Керол и Хорфорд. Кај Мајами, Крис Бош реализираше 21 поен, а Џејмс додаде 9 поени со 5 скокови и 5 асистенции. Статистика од натпреварот.
Вечерва Перо Антиќ и Атланта ќе одиграат уште еден натпревар од претсезоната во НБА, кога ќе гостуваат на Шарлот Бобкетс, а до почетокот на сезоната, предвидени се уште четири натпревари против Њу Орлеанс, Сан Антонио, Мемфис, Индиана и Далас. Сезоната во НБА лигата почнува на 30 октомври, кога Атланта ќе игра со Далас.