Речиси до темел изгоре хотелот Д Хаус или екс Гранит на Попова Шапка. На
пожарникарите им требале повеќе од половина час да стигнат до местото
на пожарот. Кога пристигнале, едното возило на Пожарната од Тетово се
расипало, па останало само уште едно кое можело да го третира пожарот.
Но, според очевидците, и без тоа било доцна бидејќи поради долгото
чекање малиот хотел изгорел речиси до темел.
Жителите на викенд населбата Попова Шапка реагираат на ваквиот однос на службите.
-Не може во пресрет на викенд сезона да нема пожарна блиску ако се знае
дека овде сите се греат на дрва и ризикот од пожари е голем. Еве, и
сега, освен што ги чекавме толку, само што дојдоа двете возила, едното
„цркна“ на лице место, му откажа моторот, вели за НОВА сопственик на
викендичка на Шапка кој случајно се нашол таму и ги испрати
фотографиите.
Од пожарната во Тетово ни рекоа да се јавиме подоцна бидејќи екипата се
уште била на терен и немале потполни информации. НОВА зборуваше и со
еден од сопствениците кој во моментов патува кон Попова Шапка.
-Не знам се уште што се случило точно. Објектот не е во употреба во
моментов бидејќи не е сезона, така што пожарот тешко дека избувнал
поради нешто внатре во хотелот. Таму се е исклучено. Имаме информација
дека станува збор за подметнат пожар, но не можам во моментов ништо да
тврда, вели Александар Донев.
Вака изгледал малиот хотел пред пожарот.