Учесниците во маршот носеле цвеќиња, руски знамиња со црна лента, знамиња на движењето Парнас, чиј лидер беше Немцов , на партијата Јаблоко, фотографии од убиениот политичар, а извикувале „Русија без Путин“, „Не сакаме да заборавиме, нема да простиме“, „Борис е со нас“, „Се плашеа од тебе Борисе“, „Куршумите за тебе нѐ погодија сите нас“...
Во првите редови на колоната биле лидерите на либералната опозиција, поранешниот премиер Михаил Касјанов, политичарите Генадиј и Дмитриј Гудков и Иља Јашин.
Касјанов на местото на кое бил убиен Немцов предложил мостот да се преименува во мост Борис Немцов. Тој кажал ид ека власта директно е одговорна за неговата смрт.
„Тие нас нѐ нарекуваат предавници, ние кои се бориме за демократија и сме против војната во Украина“, кажал Касјанов.
„Тука секој сантиметар се контролира со камери, а истражните органи не успеаја да ги најдат извршителите. Се плашиме дека и другите политички убиства ќе бидат прикриени“, кажал Јашин.
На прашањето на новинарите дали се плаши за својот живот, тој одговорил: „Се плашам, зарем вие не би се плашеле да работите во ваква држава!?“
Полицијата проценила дека во маршот учествувале околу 16.000 луѓе, додека организаторите и новинарите известиле дека имало меѓу 60 и 70 илјади луѓе.