„На само еден ден пред почетокот на средношколските протестите во неколку градови низ Македонија и пред големиот протест најавен за 19.03.2015, четврток во Скопје, повторно осамнаа летоци со содржина која има за цел да ги обесхрабри младите слободно да го изразат своето мислење“, стои во денешното соопштение на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Очигледно е дека летоците се во манирот на негативната пропаганда која од страна на власта се пласира во јавноста, за т.н. „внатрешни непријатели“ на Република Македонија како што се меѓународните фондации, невладини организации и претставници на опозициските партии. Дистрибуираната содржина укажува на перфиден обид да се искористи моменталната политичка криза и дефокусира незадоволство на средношколците преку нивно поврзување со претставници на партиите во опозиција. За разлика од првиот бран на клевета и обиди за смеќавање на правото на слободно здружување и изразување, вториот бран директно ги партизира младите луѓе и со тоа повторно го повредува достоинството и угледот на секој кој ќе се осмели да се приклучи кон движењето.
До Комитетот се обратија и средношколци од градот Ресен кои се мета на закани со насилство, обиди за поткуп и вршење притисок преку родителите. Конкретно, се работи за наводи за поткуп на средношколците и делење на минимален износ на парични средства доколку не излезат на денешниот протест. Младите луѓе наведуваат и дека им се заканувале доколку излезат на протестот дека ќе се соочат со поголеми последици како што се: исклучување од училиште, намалување на поведение, забрана за полагање на матура, исклучување од училишни екскурзии, затворање на вратите на училиштето и игнорирање на евентуална потреба од помош за полагање на екстерниот испит. Особено загрижуваат наводите за контакт со родители на децата во пленумот кои се соочиле со непристојни предлози како што се: отпуштање, па потоа понуда за враќање на работа како и вршење на притисок врз родители преку роднини кои што се членови на владејачката партија.
Комитетот смета дека со ваквите постапувања се исполнети битијата на кривичните дела загрозување на сигурноста на повеќе лица, спречување и смеќавање на јавен собир и насилство. Поради ова, Комитетот ги повикува родителите да поднесат кривични пријави против директорот на училиштето кој ја злоупотребил својата функција за смеќавање на јавен собир преку закани и обид за корупција на младите, но и против сите други што на таков начин се обиделе да го спречат собирот на младите луѓе. Комитетот им стои на располагање на сите оние на кои што им е потребен правен совет за преземање на овие дејства.
Поради зачестените закани упатени до средношколците, Комитетот најавува дека со особено внимание ќе го набљудува протестот на средношколците најавен за четврток и однапред ги повикува надлежните институции да преземат мерки за да им се овозможи правото на протест на младите луѓе“, стои во соопштението од Хелсиншкиот комитет за човекови права.