Откриен нелегален мобилен оператор во стан во Гостивар

Во стан во Гостивар полицијата откри опрема со која станот практично бил претворен во нелегален мобилен оператор преку кој бил реализиран меѓународен мобилен сообраќај на црно.

Во полициската акција „Сим бокс“ извршен е претрес на дом и помошни простории во сопственост на 42 годишен гостиварец кој во моментот не бил дома.

При претресот одземена е софистицирана техничка опрема која се користела за нелегална интерконекција за мобилен (GSM) сообраќај кон голем број странски држави, а се состои од два TELE 5 V Gate сим бокс уреди, кои содржат 10 модули за СИМ картички (со капацитет на еден модул од 56 СИМ картички) или вкупно 1280 СИМ картички активни во еден исти момент, два сервера TELE 5 ( SAN NETRA X4200 ) наменети за терминација и трансферирање на телефонскиот сообраќајот од еден вид во друг, десктоп компјутер наменет за мониторинг и управување на спомената опрема, односно контрола на реализираниот сообраќај, активни СИМ картички и замена на СИМ картички блокирани од страна на мобилниот оператор.

Исто така пронајдени се Сим бокс уреди со помал капацитет на СИМ картички и антени. Запленети се над 40.000 сим картички од мобилни оператори од целиот свет, од кои најголем број се на мобилни оператори кои функционираат во соседните држави, Србија, Босна; Хрватска, Словенија, Албанија и Косово и документација за набавка на споменатата опрема и финансиски пресметки за остварен нелегален меѓународен телефонски сообраќај.

Во моментот на претресот, опремата била во функција и се вршело незаконско пренасочување на меѓународен телефонски сообраќај кон Србија. Од првичниот увид на работата на опремата и генерираните компјутерски податоци, утврдени се повеќе ИП адреси во Србија, каде овој сообраќај преку интернет нелегално завршува до крајните корисници.

Полицијата во координација преку CELEK центарот, размени информации и податоци за локациите со полициските служби во Србија, каде што од нивна страна извршен е претрес и исто така пронајдена е техничка опрема која претставува дел од пронајдената опрема во Гостивар и истата служи за терминиран сообраќај во Србија.

„Имајќи ја во предвид намената и функционалноста на пронајдената опрема и огромниот број на запленети СИМ картички, најмногу од српски мобилни оператори, може да се констатира дека голем дел од нивниот меѓународен телефонски сообраќај реализиран преку запленетите СИМ картички, терминирал низ серверите запленети во Гостивар. Од страна на Секторот за компјутерски криминал во наредниот период ќе бидат извршени дополнителни проверки за сите инволвирани лица и правни субјекти во нелегалните активности, проверки за начинот на обезбедување на меѓународен сообраќај, негово терминирање и реализација на истиот. По извршените дополнителни проверки, ќе биде изготвен соодветен поднесок до надлежното Јавно обвинителство“ соопштуваат од МВР.


ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О