Германскиот министер за одбрана Урсула фон дер Лајен најави засилување на оклопните единици на Бундесверот, пренесуваат германските медиуми.
Медиумите укажаа на тоа дека Урсула зборувала за среднорочни цели, притоа не наведувајќи ниту временски, ниту финансиски план.
„Безбедносното откружување од кризната 2014 година, јасно се промени“, рекла Фон дер Лајен, пренесуваат медиумите.
Таа овие денови дала знак за „старт“ на креирање на нова стратегија за одбрана на Германија, односно „Белата книга“ на Бундесвер, во која од почеток би требало да биде дефиниран односот кон Русија, пренесуваат германските медиуми.
Фон дер Лајен на првиот состанок за новата „Бела книга“ рекла дека рускиот однос кон Украина во основа ја менува сигурносната архитектура на Европа и дека Германија без илузии мора да најде соодветен одговор на политиката на рускиот претседател Владимир Путин.
Таа оценила дека не може да се очекува во новата „Бела книга“ на Бундесвер, Русија да се означи како во старата од 2006 година, кога била оценета како експониран партнер со кој се тежнее кон тесно партнерство како во Европската унија, така и во НАТО.
Експертите велат дека за Бундесвер тоа би значело дека во иднина нема да се ориентираат само на странските воени мисии, туку повторно посилно ќе се ангажираат за заштита и одбрана на територијата.
Новата „Бела книга“, како што наведуваат медиумите, ќе биде насочена и на други промени и сценарија на закана кои не постоеле пред десет години, во кои спаѓаат прашањата за терористичката организација, „Исламската држава“, „сајбер-нападите“, промени на климата и „борба за природни ресурси“.
Новата „Бела книга“ на Бундесвер би требало да биде подготвена после самитот на НАТО идната година, пренесуваат медиумите.