Тетовирана и уникатна: Оваа Македонка е доказ дека тетоважите се секси

Навидум обична и непосредна, а всушност професионална и убава. Симона Мојсовска е фотограф, уметник и девојка која знае што сака. Секогаш е од другата страна на објективот, а овој пат е во улога на модел, која гордо ги покажа тетоважите на своето тело. Во модели на бутикот за веначници Queen и бутик Инфинити, ја гледате Симона во необично светло, пред фото-објективот на Владимир Георгиев, само за порталот Точка.

“Симона е немирното дете што одбива да порасне. Јас сум девојка со слободен дух и мене светот на возрасните ми изгледа премногу стресен и страшен. Сите негде брзаат, еден со друг се расправаат, се жалат постојано колку проблеми имаат. А се што им е потребно е да пуштат добра музика, да се релаксираат и сè ќе си дојде на свое место кога ќе си ги средат мислите без стресови и паники. Жалосно е како луѓето со текот на времето се губат самите себеси и кога ќе се освестат веќе им поминал животот. Јас уживам во секој момент, не е битно дали е добар или лош, за мене сè е ново искуство и нова лекција која треба да ја научам.”


“Мојот брат е виновен за мојата љубов кон фотографијата. Кога примети дека ме влече фотографијата купи полупрофесионален фотоапарат, а потоа и беше иницијатор да се запишам на курс за фотографија. Тоа беше во 2011-тата година одма после моето матурирање. Така започна сè, така започнав да фотографирам и да влезам во светот на уметноста кој отсекогаш сум го сакала.”



“Освен што ја сакам фотографијата, јас сум вљубена и во зумбата, техника на вежбање која мене комплетно ме опушта и задоволува. Неодамна почнав да држам зумба часови. Моментално сум во Радишани, Козле и Ново Лисиче и така ги правам среќни сите оние кои ја сакаат зумбата исто како мене.”


“Зумбата има големо влијание за мојот изглед, прво и основно - Ме прави среќна! А кога сме среќни помалку јадеме и повеќе се движиме. Многу го ценам секој спорт и уште од мала имам стекнато навика за спортување благодарејќи им на моите родители. Тренирав фудбал, одев на пливање, на играорна, одбојка, карате, па потоа во средношколските години конечно се запишав и на танц.”


“Симона Мојсовска лично и персонално е борец за слободниот ум. Огромен љубител на животни, музика и патувања. Верувам дека човекот е створен за да открива и секојдневно учи нови работи, а тоа најдобро се стекнува преку патувањата поради фактот што каде и да отидеме сретнуваме нови луѓе, нови култури, воедно така се учиме и самите себеси. Фотографијата ми е главна причина за патување, па понекогаш дури и ја користам како изговор само за да прошетам малку повеќе. Според мене Зумбата е позната по тоа дека е многу забавна, но не и по тоа дека има квалитетна музика, а јас како што кажав претходно почитувам и сакам да слушам добра музика, па затоа на моите Зумба часови се трудам да ги усогласам чекорите и да правам кореографии на поквалитетни песни. На мојата лична карта ми пишува дека денот не може да ми почне без кафе и добра музика.”



“Немам некоја посебна нега за мојата коса и кожа. Редовно користам маска за регенерација за косата, а за кожата секојдневно употребувам крема и млеко за тело (најмногу заради моите тетоважи). Тетоважите си бараат голема нега ако сакате да изгледаат убаво и да не ја изгубат бојата за брзо време. Редовно им нанесувам млеко за тело, а кога се изложувам на сонце обавезно користам голем фактор за нивна заштита. Не обожувам шминка воопшто и ја употребувам минимално само за одредени пригоди.”



“Јас сум голем љубител на тетоважи, како што може и да се примети. Уште кога имав 15 години почнав да изразувам желба за тетовирање, а една година после тоа брат ми ја направи неговата прва тетоважа и јас не можев да се помирам. Почнав 24 часа во денот да му зборувам дека и јас сакам да се тетовирам, а тој ме советуваше дека е рано и дека уште сум мала. Кога виде дека сум ептен сериозна на таа тема, ми вети дека кога ќе наполнам 18 години тој ќе ме однесе на тетовирање и ќе ме части тетоважа, која ќе ми биде одбрана од претходно и која ќе ми има значение. Така и беше, си го исполни ветувањето, ме однесе кај нашата драга пријателка Емилија Пендева и ме почасти тетоважа. Кога веќе ја направив првата, одма после еден месец ја направив и втората, а брзо потоа си дојдоа и другите. Во план ми се уште многу тетоважи, но веќе не се брзам, полека се ќе биде. Многу ми е мило што и кај нас веќе тетовирањето не е табу тема, голем процент од нашите сограѓани се тетовирани, а и оние кои биле многу против тетоважите сега веќе си погазиле на зборот.”



“Патувањата за Ибица ми се огромно позитивно искуство. Изминатово лето по вторпат бев таму, 4 месеци и да, работев фотографија. Мојот брат Далибор Дадоф живее и работи таму и како што кажав претходно, се започна по негова иницијатива и за се е тој виновен, па и за Ибица. Ибица ми го смени начинот на размислување и начинот на живот. Работев како фотограф во два локали, преку ден во одличен ресторан/клуб на плажа, а навечер во ресторан блиску до мојата зграда. Фотографијата и воопшто уметноста таму се многу ценети.”



“Моментално работам новинска фотографија. Во Македонија има доста добри фотографи и од ден на ден ги има сè повеќе, поради што ми е многу мило затоа што работата на секој фотограф е да си изгради свој стил на фотографија и да биде препознатлив по истиот, а големата конкуренција нè приморува да се одделиме од комерцијалната фотографија и да се насочиме кон градење на тој своеволно одбран стил.”


“Одличната фотографија зависи од многу фактори. Прво најбитен е различниот вкус на луѓето. Не постои универзален рецепт за добра фотографија, фотографијата е уметност и секој различно ја доживува. Основните фактори се погодената светлина, добрата композиција, добро наместени опции на фотоапаратот итн. Според мене одлична фотографија е онаа која е фатена во неповторлив момент и која изобилува со емоции.”



“Мојот прв коментар откако Владо ми ги покажа фотографиите беше: - Јас не сум јас! :) Се беше супер за тоа време додека го сликавме овој едиторијал за Точка, се изнасмеавме. Владо е еден одличен фотограф и шминкер, воедно има и одлична смисла за хумор.”




“Мојот совет до сите читатели на Точка е да бидат слободоумни, да патуваат колку што можат повеќе, да се едуцираат, да слушаат добра музика и нормално насабајле со првото кафе обавезно да отворат Точка и да ги прочитаат најновите вести тука.”

Автор: Марија Главчева
Фотографија. Владимир Георгиев
Изработено за Tocka.com.mk








ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О