Македонска Барбика: Русокосата долгонога убавица од малите екрани

Природна русокоса со светли очи и убаво тело. Долги години е дел од малите екрани, дел од интересни емисии и проекти. За себе ќе каже дека е обична и природна, нема ништо против пластичните операции и ботокс но сепак му дава предност на здравиот изглед преку редовната нега, правилната исхрана и физичката активност.

Облиску, погледнете ја Бојана Тевчева, новинар, водител и дел од тимот на Алфа ТВ. Само за овој едиторијал на Точка, пред фото-објективот на Владимир Георгиев, ја гледате Бојана во модели на Бутик Инфинити.


“Имам природно смеѓа, пепеласто руса коса и со тонирање многу лесно ја добивам плавата боја што изгледа природно. Секако неизбежно е одржувањето и редовното шишање, а за тоа секогаш е задолжен Диме од фризерското студио Cut&Cut.. Знае да ми текне од време на време да си извадам по некој прамен, но сепак, отсекогаш сум имала руса боја на коса и не би сакала да експериментирам на таа тема. Има еден производ за коса на Ревлон 10 во 1, кој топло им го препорачувам на сите оние кои сакаат да имаат убава, сјајна и здрава коса.”


“Скормноста и едноставноста сè мојот заштитен знак. Приватно сум сосема обична девојка која ужива во секој момент од животот. Јас не знам да одморам, цело време сум опкружена со луѓето кои ме прават среќна, со приватни обврски и правење работи кои ме исполнуваат. Сакам да се дружам, видам со најблиските, буквално во секоја секунда јас сум некаде. Го живеам животот со полн капацитет.”



“Сум физички активна но според мене не доволно, потребна е поголема редовност и истрајност. Предност е што мојата работа бара постојано да сум во движење, а тоа што изгледам витко во голем дел се должи на моите гени. Дојде пролетта, а со тоа и време да се разбудам од зимскиот сон со цел да ја одржам мојата линија. Пред еден месец почнав да вежбам (фитнес и сауна) и се надевам дека и покрај моите работни обврски овој пат ќе успеам да сум редовна. Факт е дека гените играат важна улога во физичкиот изглед, но ако сето тоа е надополнето со правилна исхрана и физичка активност, уште толку ќе изгледате поубаво. Кога една жена вежба, тоа се гледа и приметува. Жените кои што се грижат за своето тело изгледаат самоуверено, убаво, витко и здраво. До некаде ни помага природата, но за останатиот дел мора ние да се погрижиме.”


“Кога станува збор за мојата кожа јас не штедам средства. Сметам дека квалитетните креми и третманите за нега на кожа можат многу да помогнат и да го продолжат младешкиот изглед на кожата. Чистење на лице, хидрирање на кожата се мојот еликсир на убава кожа. За мене важи формулата, колку поприродно толку подобро.”


“Од телевизијата може да се научат многу работи кои подоцна можат да ти користат во понатамошниот живот. Запознав многу луѓе, снимав на места на кои приватно можеби никогаш не би отишла. Јас сум дел од Алфа Телевизија уште од нејзиното отворање и навистина сум горда на своите лични но и успеси кои ми се случија токму во овој медиум. За пред камера треба љубов, а кога еднаш ќе ја почувствуваш таа магија, потоа многу тешко може тоа да се искорени. Ја сакам телевизијата, тоа е еден навистина посебен свет. Благодарение на Алфа ТВ бев испратена во САД, во рамките на програмата за новинари спонзорирана од Американската влада. Поминав една година на универзитетот Гејлорд, во Норман, Оклахома, каде стекнав несекојдневно искуство.”


“Имало навистина интересни моменти кои ми се случиле додека сум на програма во живо. Тоа и ден денес се случува. Утринската емисија на Алфа ТВ оди во живо и тука нема простор за грешка. Имало гости кои од трема ќе се блокираат и не знаат што да кажат. Имало соговорници кои од возбуда мешаат реченици, зборови и секоја смисла и контекс на разговорот се губи. Тука се гледа умешноста на водителот, да го опушти гостинот, да го релаксира и доведе до ситуација таа трема пред камера сосема да исчезне. Тука не станува збор за грешка, туку не сите се родени да бидат пред камера. Како и да е, се наоѓа баланс, гостите ја губат тремата и емисијата може да започне.”


“Секој слободен миг, секој слободен ден го користам за да прошетам. Ја прошетав Америка, Европа, последно бев во Дубаи, едноставно патувањето е мојот начин на полнење на батерии и истражување нови места и култури. Сметам дека колку повеќе патувам толку сум побогата со искуства и моменти. Сакам да шетам, патувам, запознавам нови луѓе, места и култури.”




“За неколку години се гледам во кругот на сопственото семејство надгледувајќи ги своите деца како ја изработуваат домашната задача додека се приготвувам за следниот работен предизвик.”


“Со оглед на моето секојдневно појавување пред камера, тоа бара многу шминка и така лицето ми изгледа уморно. Кога не сум пред камери, приватно го користам секој момент да изгледам природно, со минимална шминка. Ја оставам кожата да ми одмори, да се освежи и релаксира. Сум фан на природниот изглед и го негувам тоа.”


“Мојот Фејсбук профил го користам најчесто за комуникација, споделување на слики со моите пријателки и најблиски. Преку Фејсбук информирана сум за доста настани и случувања кои ми одат во прилог за мојата професија. Договарања со гостите за во емисија, прашања, комуникација, ете, за тоа ми служи мојот ФБ профил.”


“Хранете го вашиот дух и тело, имајте верба и воља, не се откажувајте никогаш од поставената цел и иако звучи како клише но сепак зграпчете го секој миг од животот. И секако редовно читајте Точка и гледајте ја утринската програма на Алфа ТВ.”

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О