Марија Мендес имала само 15 години кога го сретнала Рикардо Лопез, шармантно момче кое ѝ ветило брак и дом. Како и секоја млада, заљубена и наивна девојка, Марија заминала со Рикардо во неговиот роден град Тенансинго. Таму, наместо ветената семејна идила, завршила во пеколот на секс индустријата и трговијата со луѓе.
"Ме праќаше на улица и ме тераше да се проституирам во Тихуана, Гвадалахара и останатите градови во близина", ја започнува својата приказна за британски GuardianМарија Мендес, која денес има 59 години.
Таа, како и илјадници други девојки во Мексико, била жртва на трговците со бело робје од Тенансинго, град оддалечен на 150 километри од Мексико Сити, кој во последните децении станал центарот на секс индустријата.
Тој факт најдобро го илустрира листата од десет најбарани трговци со бело робје во светот, која ја објавила ФБИ. На неа дури пет лица потекнуваат од Тенансинго.
Целата приказна започнува во 50-тите години од минатиот век, по индустријализацијата, кога луѓето се враќале дома по лошо платените работи во поголемите градови.
Додека нивните бизниси во тие градови полека пропаѓале, еден нов едноставно цветал - проституцијата.
Така поранешните работници во фабриките, по доаѓањето дома решавале да започнат сопствен, семеен бизнис, кој со годините прераснал во една од најголемите мрежи на проституција и трговија со луѓе.
Јавна тајна е дека некои од најмоќните семејства од Тенансинго соработуваат со најголемите нарко-картели во Мексико.
Огромни резиденции, со мермерни скулптури од лавови, орли и други животни се возвишуваат меѓу малите сиромашни куќи. Сите знаат кои се сопственици на тие огромни и луксузни вили, но никој за тоа не зборува.
Луксузот се забележува и на гробиштата. Наспроти дрвените крстови кои означуваат дека под нив почива сиромашен човек, се наоѓаат џиновски споменици, па дури и мали приватни капели и црква во кои се погребани богатите трговци со луѓе.
Во центарот на градот паркирани се најлуксузни автомобили, а неколку убаво облечени мажи пијат коктели до доцна во ноќта. На пример, за еден од мерцедесите кои богатите ги возат, еден просечен жител на Тенансинго мора да работи 200 години.
Кога не уживаат во студените пијалаци, тие патуваат низ Мексико, наоѓаат млади, сиромашни и наивни девојки како Марија Мендес, и им ветуваат кули и градови. Откако со воодушевување ќе прифатат, завршуваат како проститутки и сексуални робинки.
"Трговијата со луѓе е нормализирана до тој степен, што сите знаеме кои се главните луѓе во градот. Дури и полицијата знае. И не смее ништо. Во овој град секој седми жител е дел од мрежата на трговијата со луѓе. Тоа е страшно", вели Емилио Муњоз, кој се родил во овој град, а сега е директор на центарот за заштита на човекови права "Фрај Хулијан Гарсез".
Во анкетата која оваа организација ја спровела тајно меѓу малите деца во Тенансинго, секое петто дете, на прашањето што би сакало да биде кога ќе порасне, одговорило - Макро!
Секоја година во Мексико, 20.000 жени и девојки стануваат жртви на трговијата со луѓе.