Ги следите ли внимателно бомбите на Заев? Се смеете или им се восхитувате на обидите на „независните“ новинари да ги одбранат нашите национални интереси. Супер забава нели. Секој против секого и без никаква милост. Семката да им се сотре на сите што не мислат како нас, без разлика дали се комуњари или пак вмровци. Народов треба да има тема за јадење гомна додека на улиците и булеварите во Скопје и Македонија се води војна. Од едната страна се возачите кои брзат за некаде, а од друга страна се пешаците, кои исто така брзат за некаде и многу ретко поминуваат на пешачки премин. И преминиве веќе не се гаранција за ништо. Поминува на тато ебачиштето со 160 км на саат те собира и после ти палат свеќи. Плачат и го прашуваат Господа зашто толку рано одлучил да те прибере.
Сите ние сме убијци. Ние што дозволуваме да не возат како дегени сме убијци. Немаме ни капка свест за работите што навистина се случуваат околу нас. Го отспавме Смилковци, претходно отспавме еден куп други работи, кои требаше да не разбудат и да ни кажат: „Ало батки, со 3000 години историја, некако не иде на добро работава“. Мириса. Се испосравме под јорган планина. Дозволивме на разноразни дегени да се китат со перја, додека тие што навистина жртвувале нешто за таа проклета земја тонат во заборав и никој не се ни сеќава на нив. Дозволивме еден куп недозволиви работи. Дозволивме бидејќи не сме народ кој знае самиот себе си да се цени. Ние сме племе, ама немаме јајца да си го признаеме тоа. Ние сме неуспешен експеримент.
Немојте да се чудите зошто, некој убива на улица, после оди во полиција му вршат распит и го пуштаат жив и здрав да си оди дома. Џандариве не се криви, таков е законот. За убиство со кола на улица не е предвиден притвор, освен ако тој што убил не е странски државјанин. Странциве не смеат да газат луѓе на улица, ама ние пошо сме си наши смееме. Ќе си се мачкаме, се едно играме Супер Марио. Гази тоа рајата, а откако ќе дојде време за на суд, како што напиша еден мој многу ценет другар ќе си извадиш документ дека не си арен со мозокот, дека се мочаш у гаќи и никој ништо не ти може. Законот те чува. Законот те чува како бубрече во лој и истиот тој закон, ние го толерираме. Немаме никаква намера да преземеме некаква иницијатива за негова промена. Нас тоа НЕ НЕ ЗАНИМА. Да му ја мислат тие во собранието. Ние станавме зависници од рекла казала муабети и од манијата секогаш ние да сме ебаната странка и некој друг да ни е крив за се.
Ние сме вечните жртви. Сите сакаат да ни наштетат, а ние едни фини паметни, абе на лепче да не мачкаш. Мочковци сме ние и ништо повеќе (секоја чест на исклучоците). Мочковци и мочли, кои денес јадат говна за некого и нешто, а после три дена ќе го направат истото и око нема да им трепне. Денес колнеме и тажиме поради судбината на Фросина од Крива Паланка, а дури не мрднуваме со прст да побараме смисла во постоењето на нашата држава. Зошто воопшто се нарекуваме народ и зошто воопшто ја нарекуваме Македонија држава, кога не се однесуваме така.
Вчера слушав дебата на лидерите на партиите кои ќе се борат за влез во британскиот Парламент. Главната тема беше здравството… Никој никого не нарече предавник или лопов. Се конкурираа политики а не лични навреди квалификации. Далеку сме ние од овој начин на размислување. Да бевме близо, ќе инициравме дебати за здравството. Децата немаше да ни умираат од нашиот простотилук. Немаше да има случај Тамара и ред други случаи кои не добија медиумски публицитет. Работите ќе беа колку толку средени, бидејќи политиката е за тоа да ги средува работите, а не за да ги полни џебовите на тие најактивните гомнојадачи.
Затоа ве молам, немојте лицемерно да жалите за Фросина. Немојте лицемерно да ги жалите родителите на Тамара од Велес. Разбудете се и заборавете на шоу програмот кој медиумите секој ден ви го презентираат. Погледнете околу вас. Направете споредба со останатите држави и ќе видите дека работиве кај нас не штимаат. Немојте да плачете за Фросина, за неа имаат право и потреба да плачат нејзините најблиски и пријателите. Сите ние останатите треба да наведнеме глава од срам, бидејќи преку нашата апатија и незаинтересираност да работиме за нашата земја да стане нормално место за живеење ја убивме кутрата девојка. Ние ја убивме Фросина. Срам да ни е!!!
Атанас Величков
Извор – avelblog.wordpress.com