Ал Хорфорд беше централна фигура на натпреварот против Вашингтон, тој на 1,9 секунди до крајот забележа офанзивен скок по кој поентираше за победа на јастребите од 82:81. Претходно Пол Пирс со тројка на 8,3 секунди до крајот на мечот му донесе минимална предност на тимот на Вашингтон (80:81).
Хорфорд натпреварот го заврши со 23 поени и 11 скокови, двоен ефект од 10 поени и исто толку скокови имаше Демар Керол, додека по 14 поени постигнаа пол Милсап и Џеф Тиг.
Македонскиот интернационалец Перо Антиќ одигра нецели седум минути и имаше учинок од четири поени (0/3 од игра, 4/4 слободни фрлања) и три скока.
Во тимот на Вашингтон се врати Џон Вол, плејмејкерот поради повреда на зглобот на левата рака ги пропушти претходните три натпревари. Вол постигна 15 поени, а најефикасен кај Визардс беше Бредли Бил со 23 поени.
Најдобриот тим од регуларниот дел на сезоната, Голден Стејт, против Мемфис во петтиот меч демонстрираше одлична игра во одбраната што на крајот му донесе убедлива победа од 98:78 и водство во серијата од 3:2.
Клеј Томпсон постигна 21 поен, Стеф Кари уфрли 18, Андре Игудала 16, а Херисон Барнс 14 поени.
Мемфис го предводеа центрите, Марк Гасол (18 поени, 12 скокови) и Зек Рендолф (13 поени, 10 скокови).
Атланта и Голден Стејт ќе имаат можност да се пласираат во конференциските финалиња кога во шестите мечеви ќе гостуваат во Вашингтон односно Мемфис.