Пензионирана професорка патувала 2.400 км и платила 1.100 долари за да откупи 100 кучиња кои требало да завршат како храна на Фестивалот за кучешко месо во кинескиот град Јилин. 65-годишната активистка за правата на животните е доказ дека не секој во Кина ја поддржува практиката да се убиваат кучиња за јадење.
Јанг Сјаојуен спасува животни од 1995 година и под своја закрила има околу 1.500 кучиња и 200 мачки. Нејзината хуманитарна работа започнала откако спасила напуштена мачка од река, а потоа го продала својот дом за да изнајми простор за животните, каде создала прибежиште за мачки и кучиња наречено „Common Home“. Поради својата работа, Јанг била отфрлена од семејството и општеството.
Инспиративната Кинескиња двапати на ден им подготвува пресен леб на животните и им пружи медицинска помош на оние кои имаат потреба. Со помош на волонтери и донации, таа се труди еднаш неделно да им даде и по некоја „награда“ на кучињата, но тоа е сè што може да си дозволи.
Фестивалот за кучешко месо секоја година се одржува во Јилин за да се прослави летната долгоденица и за таа цел се убиваат и консумираат околу 10.000 кучиња. Дел од животните се украдени домашни миленици, затоа што според извештаите, во градот доаѓаат со ремче околу вратот.
Оваа година фестивалот се одржа на 20 јуни и привлече огромно внимание и осудување од меѓународната јавност под хаштагот #stopYulin2015. Јанг Сјаојуен беше само еден од активистите кои ги обвинија организаторите за тортура и кои ги откупуваа животните за да ги спасат од сигурна смрт. Но, и покрај напорите, консумирањето на кучиња е легално во Кина.