Денеска во водите на реката Вардар, кај хотелот Александар Палас, беа пуштени 5.000 парчиња македонска ендемична пастрмка.
Целта на проектот, како што стои во официјалното соопштение е да се овозможи заштита на македонската пастрмка и вретенарот, а со тоа и зголемување на бројноста на популацијата во течението на реката Треска, вклучувајќи ги и акумулациите Матка, Св.Петка и Козјак.
„Доколку ова не се направи постои реална опасност засекогаш да се изгубат овои специфични видови риба, наше природно богатство и наш симбол. Исто така, проектот ќе придонесе за заштита на македонската пастрмка како дел од богатото природно наследство, збогатување на туристичката атракција преку развој и промовирање на високо квалитетен рекреативен и спортски риболов, подигање на свеста кај јавноста, зајакнување на улогата на туризмот и учество на заедницата во туристичките активности со цел да се воспостави економски возможен, одржлив и локално базиран еколошки туризам“, соопштуваат од Град Скопје.
На порибувањето присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој со леген пушташе риби во водата.
Вардар според анализите кои се прават еднаш месечно, триесет години наназад е бактериолошки во 4 класа, а физичко-хемиски во 4 и 5 класа, односно е алармантно загаден.