Повеќе од 350 години, епископот Педер Винструп лежел мирно и спокојно во својот ковчег во крипта во величествената катедрала Лунд во Шведска. Никој никогаш не се посомневал дека човек како него би можел да крие мрачна тајна.
Кога после 350 години мир и спокој, ковчегот на епископот Винструп, чие тело важи за една од најдобро зачуваните мумии од 17 век, бил изваден за да се скенира, истражувачите останале шокирани, пишува „The Guardian”.
При снимањето на мумијата, археолозите и истражувачите во подножјето, пред неговите нозе, пронашле мал скелет на дете. Со оглед на големината на скелетот, истражувачите претпоставуваат дека станува збор за дете родено неколку месеци порано од што требало.
„Кога ги разгледувавме сите снимки, еден истражувач кажа дека нашиот епископ не е сам во тој ковчег. Ни рече дека тука има уште некој – малечко дете, човечки фетус стар пет до шест месеци“, раскажал Пер Карстен, шеф на Историскиот музеј на Универзитетот Лунд.
Оваа вест особено ги изненадила научниците кои се надевале дека снимките од мумифицираното тело на епископот ќе откријат детали од неговиот живот, како и од животот во Шведска во 17 век. Ковчегот веќе неолку пати бил ваден од гробницата, а мумијата фотографирана, но на црно-белите фотографии не било можно да се види скелетот од детето.