.jpg)
Токму за бегалците овдешните пеколни температури не се проблем. Велат дека од таму од каде што доаѓаат е бетер. И временски и политички. Беа многу радосни кога дознаа дека ќе можат за ден до два слободно да се качат во воз и да заминат кон крајната дестинација.

Под притисок на домашната и странската јавност и медиумите, преку ноќ за бегалците кои транзитираат низ земјава, работите се сменија на подобри. Кондуктерите во возовите кои сообраќаат од Гевгелија до Куманово им дозволија на мигрантите да се качуваат и да го користат железничкиот превоз во земјава, а полицијата без проблем ги пропушта да ја минат македонско-српската граница пеш.
.jpg)
Оваа новонастаната состојба уследи само пет часа откако владата на Никола Груевски вчера ги прати во итна постапка до Собранието предлог измените на Законот за азиланти, со кој на мигрантите и на бегалците ќе им се даде 72 часа да ја минат Македонија или да побараат азил, а спикерот Трајко Вељаноски за утре ја закажа седницата за измени на законот.
Најинтересно е тоа што сето ова се случува иако законските измени се уште не се официјални, но доволно беше само владиното „да“, по што провладините медиуми веста ја пренесоа дека Владата одобрила, па предлог законските измени стапија на сила фактички.
Од завчера вечер, сите бегалци од Блискиот Исток и Африка кои минуваат низ Македонија се качуваа во патничките возови, си платија билети и стигнаа до „Табановце“. Бидејќи повеќето немаа патни исправи, полицијата ги замоли да се симнат од воз, ги пропушти низ преминот и тие влегоа Србија. Тие што имаа пак пасоши, уживаа во возењето со воз. Велат било безбедно, ама и удобно.

Но, ова е добрата страна на бегалската криза која ја зафати и земјава. Во Македонија, во изминативе 24 часа има повеќе од 5.000 мигранти. Оваа бројка ја соопштуваат од невладиниот сектор, чии активисти постојано се на терен и им делат хуманитарна помош на бегалците.
Ударниот бран од соседна Грција веќе пристигна во Македонија. Само вчера од Пиреја кон Скопје со воз, како што извести грчкиот дневен весник „Прототема“, тргнале нови 400 бегалци од Сирија.

И самите бегалци велат дека не сите што бегаат имаат пари. Тие посиромашните одат пеш или пак се снаоѓаат да дојдат до некоја пара за да купат велосипед во Демир Капија. Иако ги купуваат по значително високи суми, сепак, дел од бегалците успеваат да ги продадат велосипедите во Куманово за сума од 20 до 50 евра, а тие што не сакаат да ги продадат, им ги подаруваат на деца.
Во минативе денови „Ески џамија“ во кумановското Турско маало е вистински бегалски камп. Без разлика кој од која вера е, кумановци самоиницијативно носат се што сметаат дека може да им помогне на бегалците. И кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски донесе хигиенски пакети за бегалците кои престојуваат во Градската џамија пред да го продолжат патот кон Србија.
Вели дека како градоначалник нема ингеренции по ова прашање, туку како граѓанин заедно со уште неколку индивидуалци сака да им помогне на овие луѓе.
- Дојдов како граѓанин, јас како градоначалник на општина немам никакви ингеренции во оваа хуманитарна катастрофа. Ова е масовна појава, се зборува за илјадници луѓе. На границите поминуваат над 5.000 луѓе кои доаѓаат од Куманово и тука е тесното грло. Се надевам дека ќе се донесе законот за мигранти со кој ќе се овозможи 72 часовен престој, со што ќе им се овозможи да ги користат транспорните средства и побрза експедиција до посакуваните дестинации. Мислам дека на тој начин ќе се намали страдањето на овие луѓе. Можеби нема да се отстрани, но ќе се намали. Ние како град ќе помогнеме да собереме некои хуманитарни средства и да помогнеме за згрижување на овие луѓе - рече Дамјановски.
Во џамијата доаѓаат повеќето од бегалците, кои тргнале пеш или со велосипеди од Гевгелија, со намера оттука преку Србија да отидат во земјите од Западна Европа.
Меѓу нив има и бремени жени, на кои лекарски екипи им укажуваат помош и во самата џамија, но не можат жените да бидат прегледани од гинеколог во градската болница оти немале документи.