Поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден, ја критикувал Велика Британија поради тоа што игра активна улога во мрежата на надгледување, која ја основала американската Национална безбедносна агенција - "NSA", и рекол дека се жртвувани правата и потребите на британските граѓани.
"Зошто британската влада е толку тајна? Од што толку се плаши - од своите граѓани? Тие се плашат од штетни јавни дебати. Бидејќи кога јавноста би дознала што прават, би можеле да ги тужиме и да победиме...Британската влада не се обидува да ја сочува граѓанската слобода, туку да ја ограничи", рекол Сноуден одговарајќи на прашањата на лондонската публика преку видео линкот во организација на Amnesty International.
Во прашањата и одговорите, кои траеле 40 минути пред специјалното прикажување на документарниот филм за Сноуден - "Citizenfour", тој рекол дека надгледувањето од масовни размери е неефикасно во потрагата на терористите, но затоа ѝ овозможило на владата да "копа" по животите на послушните граѓани.
"Владата во Велика Британија, всушност, се обидува да ги реформира законите на многу негативен начин", рекол Сноуден, додавајќи дека политичарите сакаат да го изменат законот за да ги хакуваат компјутерите на луѓето кои воопшто не се разузнавачка мета, пренесува Russia Today.

Сноуден, кој го обелоденил тајниот програм за надзор на НСА, вели дека британската безбедносна агенција "GCHQ", заедно со другите американски сојузници, била неодговорна бидејќи дозволила НСА да инсталира технологија за надгледување.
"НСА дизајнирала и системи кои функционираат во Велика Британија, што значи дека во вашата земја е инсталирана американска шпионска опрема и владата едноставно верува дека НСА ќе им даде нешто до кое што немаат пристап, дека тоа нема да го употребат против вас", изјавил Сноуден.
"Британскиот премиер се наоѓа во базата на податоци како и сите други", рекол тој кога го прашале дали американските агенции имаат пристап до податоците на британските јавни личности.

