Вежбите водени од страна на САД започнале вчера во близина на градот Лавов во западна Украина, а треба да завршат кон крајот на јули.
„Мултинационалните вежби се извршуваат во Украина од 1995 година, но може да се каже дека ова годинава е најголемата мултинационална вежба одржана овде досега“, вели Дон Врен, специјалист за односи со јавноста на Армијата на САД во Европа.
Освен Украина и САД, трупите кои учестуваат во вежбите доаѓаат од Германија, Шпанија, Турција, Канада, Полска, Романија, Бугарија, Естонија, Латвија и Литванија, како и од земји кои не се членки на НАТО, како Србија, Грузија и Азербејџан.
Интернационалните трупи ќе вежбаат евакуација на цивили и прва помош, реакции при заседа, ќе тренираат да идентификуваат импровизирани експлозивни направи и ќе изведуваат симулирани операции, вели Врен.
„Ова нема никаква врска со политичката ситуација. Вежбата беше планирана одамна. Земјите беа известени дека ќе се случи и затоа не можеме да бидеме директно поврзани со ситуацијата која се случува“, додава.
Сепак, за време на церемонијата за отворање, командантот на украинските сили, Олександар Сивак, изјавил дека вежбите „ја покажуваат глобалната поддршка за Украина во нејзината борба за слобода и суверенитет“.
Министерството за надворешни работи на Русија предупреди дека вежбите на НАТО во западна Украина се закануваат на мирниот период за време на конфликтот на истокот на државата.
Како што пишува во соопштението на министерството, „акциите на НАТО предизвикуваат реваншистичко расположение во партијата која сака војна во Киев, што го става на ризик прогресот кон мировен договор за време на длабоката интерна криза во Украина“.
Москва ги нарече вежбите „јасна манифестација на НАТО за безусловната поддршка на моменталната политика на властите на Киев, што води кон смртта на невини цивили секојдневно во регионот“.
Повеќе од 6.500 лица беа убиени во 15-месечниот конфликт меѓу Киев и бунтовниците од југоистокот на Украина досега.