Германскиот канцелар Ангела Меркел следната недела ќе ја почне својата дводневна посета на Западен Балкан, пренесе ТАСС.
Портпаролот на германската Влада, Штефен Зајберт денеска на брифинг информира дека турнејата ќе почне в среда, на 8 јули, и ќе ги вклучи Албанија, Србија и Босна и Херцеговина.
Ниту овој пат, Македонија не е во агентата на Меркел. Всушност, уште од независноста германски канцелар ја нема посетено нашата земја. Единствено дојдоа двајца министри за надворешни работи, Клаус Кинкел во деведесетите, и претходниот министер, Гидо Вестервеле, кој дојде во 2013 година.
Според предвиденото, таа ќе се сретне со премиерите на нашите соседни земји и со нив ќе ги разгледа билатералните односи и енергетските прашања.
– Во Сараево Меркел ќе ја посети изложбата, посветена на масакрот во Сребреница во 1995 година, рече Зајйберт.
Тој потенцира дека Западен Балкан уште не е целосно соземен од ужасите на војните во поранешна Југославија и Германија има намера да даде свој придонес за неговиот развој.
– Развој ќе има само доколку во билатералните односи на земјите од регионот има колку што е можно помалку тензични моменти, истакна германскиот владин портпарол .
Како што јави дописникот на МИА од Тирана, Меркел ќе допатува во Албанија в среда попладне, каде покрај средбите со албанскиот премиер Еди Рама и шефот на државата Бујар Нишани, ќе учествува и на економски форум. Предвидено е доцна попладенто Меркел од Тирана да земнине за Белград.
Мерките кои ќе бидат превземени за посетата на германската канцеларка на Тирана ќе бидат идентични со оние за време на претстојот на папата Франциско на 22 септември мината година и посета на српскиот премиер Александар Вучиќ на 26 и 27 мај, кога за безбедноста се грижеа над 1.500 припадници на алабнското Министертвото за внатрешни работи и гардисти, а градот го надлетуваа и полициски хеликоптери.
Посетата на Меркел ќе биде втора на еден германски канцелар на Албанија по 1999 година, кога Тирана ја посети Герхард Шредер, 12 години по воспоставувањето дипломатски односи меѓу поранешна Западна Германија и Албанија.