На влезот на гробиштата на кои ќе бидат закопани остатоците од жртвите, разлутената маса ја пробила заштитната ограда и тргнала кон Вучиќ и неговата придружба. Кон делегацијата од Белград летале камења, шишиња со вода, чевли...
Групата извикувала "Четнику, оди си дома".
"Премиерот е погоден со камен во лице, повреден е, но не е страшно", рекол соговорникот на Blic и додал дека масата цело време извикувала "Алаху Акбар".
Полицијата соборила и привела едно од момчињата од групата која го нападнала премиерот.
Ова го потврдил и дописник од Dnevni Avaz, кој јавил дека бил уапсен еден од напаѓачите на колоната во која бил премиерот на Србија, Александар Вучиќ.
Лукач: Вучиќ доби повеќе удари од камен
Александар Вучиќ, по инцидентот успешно бил евакуиран заедно со членовите на делегацијата кон границата со Србија и БиХ, рекол за Tanjug министерот за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукач.
"Со оглед на тоа дека очекувавме нешто вакво, ние внесовме неколку луѓе во цивилна опрема меѓу луѓето и реагиравме веднаш кога започна нападот", рекол Лукач.
Се случи тоа што го очекувавме, и за кое предупредувавме, додал тој.
Камењата летале од сите страни, а Вучиќ добил повеќе удари и му биле скршени очилата.
Со удари се здобиле и припадници на полицијата и обезбедувањето на српската делегација. "Тие потоа влегоа во возило и безбедно заминаа кон границата", рекол министерот на полицијата на Р.С.