Лазарат, пејсаж од кој би се изненадил и Боб Марли







„Кралството на марихуаната“, Лазарат, е најбогатото село во Албанија и е сосема вон контрола на властите во Тирана. Причината е едноставна – локалните жители одгледувајќи марихуана заработуваат околу 6 милијарди долари годишно, и контролираат дел од албанската политичка сцена.

Албанската полиција за втор пат во последните година дена се обидува да го приведе системот на Лазарат, балканското „кралство на марихуаната“, односно најбогатото село во Албанија, во кое, според проценките на Интерпол, годишно се произведуваат околу 900 тони од оваа илегална билка, што на сложениот систем кој ја воспоставил оваа операција му донесува приход од околу 6 милијарди долари.

Меѓународните експерти за трговија со дрога значењето на ова село го споредуваат со авганистанската покраина Хелманд, во која и покрај десетгодишните обиди на локалните власти и Американците, се произведува огромен дел од сировиот опиум кој се дистрибуира низ светот. Албанија, сепак, не е Авганистан, иако сличноста меѓу овие две места е јасна уште на прв поглед.

Во Хелманд и Лазарат има планински терени, и приходите на луѓето овде зависат од слабите жетви, ниските плати и подеднакво лошо платеното сточарство. Во двата случаи, одеднаш се појавиле групи луѓе кои на жителите им понудиле сигурни приходи и технологија во замена за дел од добивката.

Производството процветало до таа мерка што сега Албанија речиси во потполност ја контролира продажбата на марихуана во овој дел од светот, превземајќи го приматот од Мароко, Авганистан и Либан, кои пред четвртина век управувале со европскиот пазар.


Со одгледување на марихуана, според проценката на албанските власти, се бават вкупно 90 посто од вкупно 7.000 жители на регионот во кој се наоѓа Лазарат. Во самото село живеат околу 2.800 луѓе. Со производство се бават сите, од старци до деца.

Причината за цутот на производството е јасна – пред десетина години 1 килограм марихуана чинел дваесетина долари, односно 10 пари помалку од денес. Во споредба со останатите култури, кои на планините теоретски би можеле да се одгледуваат, математиката е повеќе од јасна – 2 килограми марихуана, за чие производство требаат околу 4 метри квадратни земја, вредат колку и 1 тон жито.

Сепак, работите не функционираат толку добро секогаш, па секој септември, кога „работата е во ек“, во болницата во Ѓирокастро има маса на жители на Лазарат со симптоми на труење од канабис, што е резултат на палењето на стеблата. Минатата година е забележан рекорд, кога во еден ден медицинска помош побарале 700 лица.



Марихуана се одгледува на вкупно 300 хектари, пишува во извештаите на италијанската финансиска полиција. Планинските предели со добри услови за земјоделие се претворени во зелена оаза. Низ Лазарат непрестано поминуваат цистерни, кои од околните извори пренесуваат вода до полињата.

Семето на почетокот било увезувано од Турција и Грција, но денес производството сосема се одвива во границите на Албанија. Изградени се модерни стакленици, во кои билките се развиваат пред секоја пролет да ги расадат по полињата.


Плантажите со марихуана се простираат километри наоколу. Толку многу што сведоците на оваа операција тврдат дека глетката би го изненадила и Боб Марли, кога би бил жив и би можел да ја види Албанија.

Дрогата се пренесува на разни начини, со камиони низ Европа, или со брод директно во Италија. Италијанската полиција тврди дека со тек на времето работите се менувале, па сплавовите и гумените чамци ги замениле брзи глисери и јахти крадени од Грција.

Досегашните обиди на албанските власти да го уништат производството на марихуана останаа без резултат, помеѓу останатото и поради фактот што полицајците, кои се доста ретки, кога ќе одлучат да влезат во селото, ги пречекува пеколен отпор на локалните банди. На полицијата минатата година било стрелано од митралези, рачни фрлачи, а фрлани се и бомби.

Дополнителен проблем претставува и тоа што локалните „босови“ се многу побогати од самата држава, што во корумпирано општество какво што е албанското, претставува речиси сигурна заштита.

Бандите од Лазарат се во блиски врски со Демократската партија на Сали Бериша, кој во знак на благодарност за безрезервната поддршка која на изборите ја добива од тој крај, во одреден момент решил да замиже пред фактот дека Лазарат се претворил во кралство на дрогата, тврдат познавачите на албанската политичка сцена.

Околу сите куќи се подигнати високи ѕидови, бункерите од времето на Енвер Хоџа даваат дополнителна сигурност на мафијашите, а низ селото јурат најскапи модели на автомобили, секогаш со црна боја и без регистарски таблички. Селото се наоѓа надвор од маргините на некогашните подморнички бази, засечени во камените брегови на заливот.

Локалното жителство и во минатото на полициските упади одговарало жестоко. Пред неколку години, поради апсење во врска со некое киднапирање бил ранет еден жител. Соседите одговориле жестоко и ја запалиле полициската станица во Ѓирокастро.



Полициската инвазија оваа година беше пропратена со силно стрелање од автоматско оружје. Специјалците се внимателни затоа што, поучени од минатогодишните искуства, знаат дека проблемите започнуваат дури кога ќе одлучат да ги уништат плантажите со марихуана. Пред точно една година, таквиот обид беше следен со пукање од тешки митралези монтирани на камионети.

Извесно време пукале и на хеликоптерите на италијанската полиција, кои се обидувале да ги фотографираат полињата со марихуана.

Тогаш биле уништени околу 500.000 корени, што е мал дел од вкупните насади. Околу една година подоцна, полињата изгледаат како ништо да не се случило, тврдат сведоците.

За ситуацијата да биде покомплицирана, од властите во Тирана побарале специјален статус за без пречки да можат да одгледуваат марихуана, а владата ваквиот предлог го отфрлила, и сега е само на чекор до објавување војна на ова село.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О