Што значат 600 милиони евра за иднината на 2 милиони луѓе?

600 милиони евра се вртоглава сума пари за било кого, и тешко е да се замисли колку вредат во реалноста. Би можеле да ги замислиме како камион полн палети со врзопчиња пари, поточно половина шлепер полн со хартиени пари. Но реално што значат 600 милиони евра?



600 милиони евра или отприлика пола шлепер со пари

600-те милиони евра може да се нешто кое ја повеќекратно ја мултиплицира нивната номинална вредност, нешто бесценето, нешто безвредно, па дури и нешто со негативна вредност. Тие вредат онолку колку што паметно ќе бидат употребени. Ако се инвестираат добро за неколку години може да вредат десетици пати повеќе, а може да резултираат и со чист зијан ако му ги дадеш во рака на имбецил. Таквиот ќе остане уште и должен откако ќе ги потроши, па поарно веднаш да ги запалел.

За ориентација што значат 600М Евра за држава како Македонија и што паметно може да се направи со нив, ќе се обидам да дадам еден пример преточен од моето десетгодишно практично искуство во областа на ИТ, претприемништво во Македонија, организирање локални и интернационални програми инастани за поддршка на иновации и претприемништво низ Европа. Притоа имав прилика да запознаам илјадници иноватори, дел од Македонија и поголем дел од странство, стотици инвеститори од целиот свет, политичари, организатори на заедници и програми за иновации, индустриски стручњаци. Со некои од нив имав чест и да соработувам преку нашите иницијативи Balkan Venture Forum, SuperFounders и на покана во многу други иницијативи. Таа активност ме примора, освен од практичен аспект, да се запознаам длабински и со теоријата и реалните податоци од светот на иновациите, патентите, технолошките трендови, инвестициите. Тоа се надоврза на мојата претприемачка страна(со што ги финансирав најголем дел од работите), инжинерското образование и студиите MBA со специјалност во финансии.

Досега за жал, сето искуство бев приморан да го применувам во најголем дел во проекти надвор од границите на Македонија, се разбира не случајно, иако од почетокот бев и сеуште сум со поинакви намери. Што беше причината за тоа? Тоа е истата причина која го предизвика овој напис и причината за горчина во душата на обичниот човек кој живее на парчево земја. Мал дел од таа причина го слушнавме во грозоморните аудио снимки, како врв на сантата мраз, додека всушност целата санта под површината е огромна, и ја искусуваме секој поединечно во секојдневното живеење и работење. Оние што повеќе навлегуваат во високите сфери на претприемништвото, информациите, политиката, таа причина ја гледаат и чувствуваат на своја кожа дотолку повеќе. Со тоа чувство ќе се обидам да илустрирам како изгледаат списканите 600 милиони евра од моја лична гледна точка, и убеден сум од објективнa економско-развојна гледна точка за овој народ, затоа што за сето подолу има факти и логични аргументи.

Наместо приклучок кон иднината...

Само еден пример што се може

Живееме во време кога економската продуктивност, стандардот на живот па дури и културата најмногу зависат од степенот на развој на технолошки иновации. Тоа им е заедничко на сите развиени региони со висок стандард за живот: САД, Западна Европа, Јужна Кореа, Јапонија. Од соседството тоа е Словенија. Но, Словенија инвестира 2.6% од БДП во истражување и развој, а Македонија едвај 0.3%! А што ако некој се почешаше за глава од таквата разлика? Па не дај боже да ја поврзе со причините за економската ситуација во државата. Не како резултат, туку како причина.


Дали можеби ваквата разлика е заслужна за нешто?


И ако едно утро, наместо идеја за парапетче на езерото, неокласични столбови, циркузи со странски експлоататори, некој со доверена(или приграбена) судбина на народ, одлучеше вистински да ја развие државата, да фати приклучок со светот и да вложеше 600 милиони евра народни пари во фонд за иновации? Од нив можеше во текот на 10тина години да се исфинансираат илјадници проекти за висока технологија и со соодветен бизнис потенцијал. Во нив низ 5-7 годишен период(колку што инвестира еден VC-venture capital фонд) ќе се отвореа нови 12.500 работни места за најспособните кадри. Тоа се токму оние кои најмногу и требаат на секоја држава и се столб на сите гранки. А истите ја напуштаат Македонија како брод кој тоне веќе две децениии, и се позасилено. Тоа се нашите најдобри инженери, менаџери, консултанти, маркетери, научници. Трендот на емиграција се засилува, и најмалку 28% од сите високообразовани кадри дипломирани во минатите 4-5 години веќе ја напуштиле државата.

Во 600М Евра би имало доволно средства за 24 месеца плата од 1000 Евра нето за таквите кадри, кои според стандардни индустриски пресметки, за период од две години би креирале нови домашни средства во вредност од неколку милијарди евра.
Ова можеби на многумина ќе им звучи туѓо и чудно зошто кај нас воопшто не е распространета свеста за потенцијалот и важноста на индустријата за иновации, која резултира со брз развој низ повеќе сегменти: човечки вештини, компании, економија!

Трендови во регионот и светот

Каде е Македонија во оваа трка кон иднината? На крајот на опашката, се држи за последното влакно. Зад последните во Европа! Во тој контекст сите досегашни јавно финансирани помпезни проекти се крајно цинични и простачки, кога главната област на развој се множи со нула, и народот се осудува на мизерување, а следните генерации на назадни непродуктивни дејности или емиграција.

Во Европа годинава досега се инвестирани во иновации 3.5 милијарди Евра само од "venture capital". Во САД бројката е околу 20 милијарди. Во Балканскиот регион наназад 4-5 години се инвестираат по неколку десетици милиони venture capital годишно во иновации со тренд на експоненцијален раст. Хрватската држава неодамна отвори фонд за иновации од 30 милиони евра. Европскиот иновациски фонд отвора годинава локален Балкански фонд од 40 милиони Евра. Минативе две години низ Балканот се отворија уште 10тина приватно менаџирани фондови секој со по 10 - 100 милиони евра. Дополнително постојат големи Европски и глобални VC фондови што управуваат стотици или милијарди долари и таргетираат иновации од регионот, со тоа што тие само го молзат квалитетот во рана фаза без да допринесат за локален развој! Ако сакаме тука да се развиваме, треба паметно самите да си помогнеме.


Состојба кај нас
Така во Македонија до неодамна државната поддршка на иновации практично беше НУЛА, иако наназад барем 10 години имаме конкретна потреба и основ за поддршка. Имаме одамна создадени интернационални мрежи со експерти и инвеститори, знаења, и константен прилив на нови одлични иновативни проекти и развојни иницијативи. Во меѓувреме надлежните немилосрдно и цинично ги трошеа со скап ПР фразите: иновации, претприемништво, лидери во регионот. Да ти е срам да кажеш дека си во нешто лидер во регионот.

А имавме и имаме што да кажеме. Пред четири години, кога го организирав првиот Balkan Venture Forum, гостин ми беше Др. Ели Опер, своевремено со титула Главен државен научник на Израел и должност да ги планира и спроведува државните политики за иновации. Ме праша колку е буџетот на нашата агенција за поддршка на претприемништво. Засрамено одговорив 60.000 Евра (сосема доволни за флаери). Др. Опер се насмевна, и рече дека неговата агенција имала буџет од 500 милиони долари. Ајде да ја израмниме споредбата, според економска сила. Израел има 30 пати поголем номинален БДП од Македонија, но разликата во поддршката на иновации е 6000 пати. Значи пропорционално на БДП, Израел инвестирал над 200 пати повеќе во иновации.


Во Македонија пред два месеци се инвестираа првите државни 400.000 Евра, со по 20-30 илјади по проект. 400 илјади за иднината наспротив 600 милиони спискани во гипс-картон. Најавени се вкупно 8милиони евра иновациски буџет за следните години, како кредит од Светска Банка. Прво, тие пари доцнат барем пет години, доаѓаат предоцна за многу затворени фирми, емигрирани семејства и за целата стартап заедница. Второ сеуште се премалку. И трето, зошто да се земаат како кредит од Светска Банка, кога за еден мочан споменик се спискуваат по 10 милиони, а за сите заедно над 600 милиони? Ова е јасен индикатор за намерите. Толку ли ја вреднуваме иднината и способноста на луѓето што ги осудуваме на партиска книшка и мизерна плата? Само човек заведен како мало дете или ментално пореметен мисли дека народот заслужува живот во сегашни македонски услови.

Такво е лидерството во најважната област за сегашноста и за иднината! Фаќаме приклучок со развиениот свет со лични сили, уназадени и обременети да враќаме криминални задолжувања!

Реална вредност
Погоре го потенцирам зборот „сегашноста“ бидејќи иновациите носат брз напредок, зошто економските резултати се добиваат за месеци а не за децении! Самата природа на технолошкиот развој и иновациите(стартапите) е брз развој. Економскиот модел на индустријата е изграден околу експоненцијален раст и функционира веќе 3-4 децении.


За да ја доловам брзината со која се креира вредност во индустријата на иновации, подолу има едноставна табела за брзината на растот на вредноста на капиталот, односно вредноста на фирмата (втората колона). Во колоните прикажано е потребното време за достигнување на фазата, достигната вредност на компанијата, процент на успешност на компании кои се обиделе, и опис на фазата. Потенцирам вредностите се ориентациони и се исклучиво за стекнување претстава:
Раст на вредноста на иновативни компании низ повеќе пазарни фази

Значи 3%(на број десетици или стотици) од несоздадените фирми во Македонија имале веројатност да достигнат вредност од десетици и потенцијално многу повеќе милиони евра. Ако се знае дека вообичаениот исход на таквите фирми е продажба по висока пазарна вредност и дека возраста на основачите е 25-40 години, би добиле нова млада светски издигната елита со по неколку десетици чесно заработени милиони во џеб, достапни за уште поефективно реинвестирање во земјава. Секако дека не е тривијално да се реализираат овие фази, но затоа изградивме стручни луѓе, кои котираат споредливо со сличните во странство, и се работи на останатите компоненти од приказната.
Онака како што е во Германија, Англија, Америка, Холандија, Шведска, дури и една Бугарија, Романија и Словенија. Се работи за нова култура во однос на децениската медиокритетска култура. Замислете млади луѓе кои сонуваат и дејствуваат заедно како да го подобрат светот, со нова вредност, нов производ, нова услуга, нова начин на живот, нова реалност. Да, таквите постојат. Кај нас со значителни системски тешкотии, бидејќи самите се издигнуваат од егзистенцијалното мочуриште до врвот на пирамидата на Маслов за да бидат во состојба да креираат и да издржат.
Живеењето е на врвот од пирамидата на Маслов, а егзистирањето е на партиско-крминалното дно

Сметка за шишањетоУште пострашно е што добрите но неподобни примери се гушат по познати методи, се „барокизираат“ и субвертираат нови заедници, а кој е премногу добар, способен и чесен, бујрум евтина авиокарта во еден правец! Од друга страна разбирливо е, секоја бараба во хиерархија базирана на насилство, автоматски тежнее да ги елиминира подобрите за да не го надминат. А и медиокритетството ни е јака страна. Барем во тоа сигурно сме лидери.

Но кому му требаат такви глупости, врвен кадар, независни чесни и успешни, па и третите деца на таквите. Бутај само со странски експлоататори, фабрички ленти, нека цркаваат за 100, 200, 300 евра, да немаат време и сила глава да дигнат!
Кому му требаат такви умови, насочени кон светот, наместо кон партиска книшка? И зошто да биде како што треба, кога може да биде наопаку?

....Не трескаат од земја и заробуваат во помпезен кичест гипс-картон.

За крај, нашиот зијан не се само списканите 600 и плус дополнителни милиони за одржување на таа монструозност, туку сме уште поголем зијан со продолжувањето на општествената катастрофа која ни се случува, со опортунитетниот трошок од милијарди евра кои можеа да бидат дел од македонската иновативна економија и промената што ја носи во општеството: стручни среќни работници, нова култура, и помалку емиграција, односно повеќе силни космополитски луѓе кои не виткаат кичма пред хиени. Тоа се лавовите кои ни требаат, кои гледаат и создаваат кон иднината, а не мртви фигури кои и нас не` умртвуваат и влечат во пепелта на минатото.

На здравје бричење на суво, нам и на следните генерации што ќе го враќаат долгот направен на наша сметка. За некого патриотизмот испадна многу подобра бизнис зделка од технолошките иновации, но не и за нормалниот човек. Медиокритетите ќе најдат начин да им биде топло во нивното полтронско мочуриште, но кога ќе им проработи совеста јас им посакувам да најдат сила и љубов во себе, за повеќе да се сакаат себе си и околината, бидејќи ова не си го дозволува човек што сака луѓе. А лесно можеме многу повеќе и подобро.

Повеќе информации:
www.superfounders.com
Трансфер на технологии во Република Македонија: препораки за успешни јавни политики
Science and Innovation Policy in Southeast Europe: Brain Drain as Brain Gain
Скопје 2014: Седум пати поскапо, три пати поголемо
The Billion Dollar Startup Club
13 European tech companies became ‘unicorns’ in the last year\

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О