Улицата „Јордан Мијалков “ стара „Железничка“ ќе се проширува и реконструира во должина од 850 метри.
Проектот го најавија актуелните градоначалници на Скопје и Центар и кандидати на владејачката партија за истите функции, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ.
-При реконструкцијата и проширувањето, од две ленти ќе се направат четири, со нови тротоари, ново улично осветлување. Ќе биде заменета постојната водоводна и атмосферска канализација. На овој начин ќе се зголеми проточноста на сообраќајот во овој дел на Град Скопје, рече Трајановски.
Подобрувањето на сообраќајот во централното градско подрачје останува приоритет и за градоначалникот на Центар.
-Подготвени сме да дадеме силна поддршка за реализација на овој проект. Се надевам дека нејзината реализација ќе почне брзо, веднаш по изборите, рече Тодоровиќ.
Предвидено е оваа реконструкција да чини околу 60 милиони денари.