Игокеа утре ќе одлучува дали ќе има ли „фајнл-фор“ во Лакташи


Претседателот на кошаркарскиот клуб Игокеа, Борис Спасоевиќ, изјави дека одлуката за тоа дали тие ќе го организираат завршниот турнир на четирите најдобри екипи во Јадранската лига ќе биде донесена утре, на седница на Управниот одбор.

igokea-500
„На состанокот на Управата, кој ќе се одржи утре во 18 часот, меѓу другото ќе одлучиме и за предлогот на тренерот на нашиот тим, Драган Баиќ, за откажување на „фајнл-фор“ турнирот на Јадранската лига во Лакташи“, вели Спасоевиќ.
Предводникот на најдобриот состав од регуларниот дел на сезоната во АБА лигата, Драган Баиќ, во вторникот ги повика челниците на Игокеа да ја откажат организацијата на завршниот турнир во регионалното кошаркарско натпреварување, изразувајќи незадоволство од правилата кои одредуваат кој обезбедува пласман во Евролигата.
Како што е познато, Игокеа регуларниот дел од конкуренцијата го заврши на првата позиција во вкупниот поредок, па според првобитно искажаните ставови и правилата од почетокот на сезоната, заслужи директна евролигашка виза, додека за другата требаше да се борат финалистите на „фајл-фор“ турнирот.
Сепак, според „толкувањето“ на самиот елитен клупски ранг на Стариот континент, Игокеа не ги исполнува условите за Б лиценца, па беше одлучено директно место во Евролигата да обезбедат финалистите од завршницата, а во квалификации да игра подобропласираниот поразен тим во полуфиналињата.
„Тоа што четири српски екипи ќе играат на завршниот турнир говори доволно. Треба нешто итно да се реорганизира, да се смени пристапот кон Јадранската и кон Евролигата“, додава Спасоевиќ.
Тој истакнува дека Игокеа добила голема поддршка од Кошаркарскиот сојуз на Босна и Херцеговина, како и од неколку клубови од АБА лигата.
Инаку, „фајнл-фор“ турнирот е закажан за викендот од 25-ти до 27-ми април, а за трофејот покрај Игокеа ќе се борат уште Партизан, Црвена Ѕвезда и Раднички.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О