Отчетот на Владата и досегашниот градоначалник на Центар, Тодоровиќ за проектот Скопје 2014, даде одговори, но остави и многу отворени прашања.
Едно од нив е како Стариот театар, кој се гради веќе 6 години, достигна 37 милиони евра и стана најскапиот објект од проектот, а според првичните најави требаше да чини околу 6 милиони, од кои карабината 2 милиони, а ентериерот 4 милиони.
Особено што и за овој, како и сите останати објекти од проектот земјиштето не е платено, а градбата е ослободена од комуналии.
Новиот театар кој конечно треба да проработи до крајот на годинава, има вкупна површина од 7.200 метри квадратни. Фоајето е на три нивоа, а аудиториумот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта, или вкупно 937 седишта.
Ако вкупно потрошената сума се подели со квадратурата на објектот, доаѓа дека еден квадрат чини над 5.000 евра, а ако се подели по бројот на седиштата, доаѓа дека едно седиште чини околу 40.000 евра.
Втора, според цената на чинење, е зградата на Архивот, Уставниот суд и Археолошкиот музеј. Таа достигна над 35 милиони евра, а објектот има 13.500 квадратни метри корисна површина.
