Британката Лесли Кјузак секоја ноќ додека спие буквално го напаѓа фрижидерот во потрага за храна, а причината за оваа нејзина несвесна навика е ретко медицинско пореметување. Таа во сон внесува во своето тело дури и до 2.500 калории и е вистинско чудо што досега не се исекла или повредила, со оглед на тоа што дури и готви додека спие.
Сите сакаме понекогаш да направиме „грев“ со вкусна закуска во текот на ноќта, иако сме свесни дека тоа не е добро ниту за нашето здравје, ниту пак за линијата. Британката Лесли Кјузак толку многу сака да јаде ноќе, што во себе внесува дури и до 2.500 калории, што е повеќе од доволно за еден ден. Сепак, за тоа не е ни свесна, бидејќи јаде во сон!
Педесет и петгодишната Кјузак од Варингтон, Чешир, Англија, секоја ноќ додека спие го посетува фрижидерот и бара храна, а причината за тоа е ретко медицинско пореметување.

Кјузак не се ограничува само на храна, туку се обидела да јаде и боја, вазелин и средство за перење садови.
Бидејќи количината на калории кои ги внесува во текот на ноќта е препорачан дневен внос на калории за возрасен маж, таа многу се здебелила. За да го корегира тоа, се труди во текот на денот да јаде салати и овошје.
Лекарите немаат објаснување за нејзината состојба, но веруваат дека пати од пореметување на исхраната кое се манифестира преку ноќ, во текот на сонот, кога личноста несвесно конзумира голема количина на храна.
„Почнав да наоѓам остатоци од храна и неред во кујната, но не сфатив дека тоа сум го правела јас. Кога на крај изедов се’, се чувствував многу засрамена и виновна“ – рекла Лесли.
Таа смета дека со години боледува од ова пореметување, кое неодамна им го открила на сожителите на нејзината куќа и одлучила да побара стручна помош.
„Бев преплашена да не оставам отворена врата или да не излезам на улица и да доживеам некаква несреќа. Сум користела остри ножеви и беше прашање на време кога ќе ми се случи нешто посериозно“ – навела Лесли, која постојано затекнувала дамки од храна на својата облека.
Доктор Пол Ридинг, претседател на британското друштво за пореметување на сонот и невролог на универзитетската болница Џејмс Кук, вели дека ваквите случаи се многу ретки, но се случуваат.

