
„Би се вратил во репрезентацијата, меѓутоа не додека овие луѓе се на чело на МКФ“, е коментарот на Докузовски за порталот „Точка“.
Трофејниот тренер во продолжение ги објаснува причините зошто не остана на клупата на жолто-црвените по огромниот успех на литванскиот континентален собир кога неколку месевии ги потенцира главните виновници за тоа.
„Од 20 септември 2011 до 5 јануари 2012, немав никаков контакт со никого од Федерацијата. Тие три и пол месеци никој не ме праша кај сум, од што живеам. Јас морав да барам нова работа, па откако потпишав договор со бугарски Лукоил, ми се јави претседателот на КФМ. Во тие моменти бев под договор и веќе не можев да ја менувам таа одлука, но и покрај тоа се договоривме да бидам советник и да помагам на репрезентацијата. Меѓутоа, ни од тоа не стана ништо. Од кои причини не знам“, дополнува искусниот стратег.
Најуспешниот селектор досега во продолжение повторно се задржува на односите со луѓето што ја предводат македонската кошарка односно на неговото непојавување на свечената церемонија по поводо 20 години репрезентација, која се одржи на 17 август на полувремето од пријателскиот меч со Литванија.
„На сите ќе им стане јасно кои се моите односи со федерацијата само ако се запрашаат како можеше да не ме поканат да присуствувам на 20 годишнината на македонската репрезентативна кошарка, а не пак да ми доделат некое признание. Мислам дека јас сепак сум заслужил да бидам присутен на таа церемонија. Меѓутоа тие со тоа покажаа што мислат за мене“, објаснува тренерот.

Докузовски смета дека има три клучни фактори поради кои Македонија настапот на ЕП во Словенија го заврши по првата фаза со само една победа во пет меча.
„Во Литванија повеќе игравме со двајца плејмејкери каде што Илиевски и Мекејлеб беа во тандем додека во Словенија повеќе игравме со еден класичен плејмејкер. Потоа, пред две години игравме многу поквалитетно и поцврсто во одбраната. Многу повеќе се залагавме во дефанзивата, додека пак во Словенија повеќе акцент се ставаше на нападот. Мислам дека и подготвеноста на кошаркарите на физички план беше доста слаба. Кондицискиот тренер Сандро Бенкардино требаше да се задржи по секоја цена“, коментира поранешниот селектор на кошаркарската репрезентација.
Херојот од Литванија смета дека ќе треба да минат најмалку четири-пет години за повторно да имаме селекција која ќе може да се надева на повторување на успехот од минатото ЕП.
„Треба доста работи да се променат во кошарката во Македонија за да се повтори успехот од Литванија. Мислам дека оваа година бевме најблиску до уште еден таков успех. Сега не очекува смена на генерации, па ќе треба да почекаме да поминат четири-пет години за да се најдеме во можност за слична радост како таа од пред две години“,завршува Докузовски.