Теснецот со време и комплицираноста на креацијата, според организаторката на изборот Лидија Велковска, биле причината што Кристина во Индонезија заминала со празен куфер. А на прашањето зошто за нашата претставничка не може да се гласа на интернет, Велковска нема конкретен одговор, затоа што, како што ни кажа, не била до крај информирана каква е процедурата, пишува Вечер.
Кристина Спасеноска од Кичево веќе неколку дена се наоѓа во Индонезија на изборот на убавина Мис свет 2013. 21-годишната девојка во оваа азиска држава заминала без тоалетата со која треба да се појави на големото финале закажано за 28 септември.
"Кристина замина на 3 септември за да биде дел од изборот Мис свет 2013, но отиде без фустанот кој треба да го носи финалната вечер. Поради теснецот со време меѓу нашиот и светскиот избор, а и поради комплицираноста на фустанот на кој дизајнерот Менсур Ајдини рачно ги вметнува апликациите, како што се везот и камењата, се договоривме да замине без фустанот за да може тој да се доработи, а деновиве ќе и го пратиме по ДХЛ", вели за Вечер Лидија Велковска, сопственичката на лиценцата за домашниот избор за Мис на светот.