Судот во Тексас наложи компанијата Apple да плати казна од 532.9 милиони долари (469.4 милиони евра), оценувајќи дека нивниот софтвер iTunes неовластено користел три патента во сопствеништво на тексашката компанија Smartflash .
Smartflash кој е специјализиран за лиценци, побарал оштета од 852 милиони долари. Судот оценил дека Apple намерно и без дозвола ги користел патентите на Smartflash .
Компанијата од Купертино има намера да вложи жалба на судската пресуда и соопшти дека оваа одлука претставува нов мотив за реформа на системот за интелектуална сопственост со цел да се ограничи можноста за компаниите кои самите не произведуваат одредени производи, како Smartflash, да отпочнуваат судски постапки.
Apple од друга страна пак оценува дека не постои никакво прекршување и побара поништување на патентите, бидејќи претходно патентирани пронајдоци се однесуваат на истата технологија.
Адвокатот на Smartflash изјави дека компанијата е сосема задоволна со пресудата во која е потенцирано дека се работи за своеволното и долготрајното прекршување направено од страна на компанијата Apple.
Smartflash поднесе тужба и поради непочитување на интелектуалната сопственост против Samsung, HTC и Google.