Мендух Тачи, претседател на ДПА, Кастриот Хаџиреџа од НД, пратеникот на ДУИ,Џеват Адеми, се на црната листа на Соединетите Американски Држави, односно на списокот на лица на кои им е забрането да влезат во САД.
Според податоците од интернет-страницата на министерството за финансии на САД,последната ревизија на овој список е направена на 27 февруари минатата година. Со пребарување, во него уште можат да се најдат имињата на Љубе Бошкоски и на Невзат Халили, претседател на таканаречената „Република Илирида“. На листата има 197 поединци и организации од Балканот. Меѓу нив се Гафур Адили, како лидер на Албанската национална армија (АНА), Радован Караџиќ, Мирјана Марковиќ…
Тачи и Адеми се на црната листа веќе 13 години. Повеќето од наброените лица се таму уште од 2001 година.
„Вест“ објави дека американската администрација би можела да им ги поништи визите и да им забрани влез во САД на политичарите, медиумите, бизнисмените, и други официјални лица за кои постојат сомневања за корупција, перење пари и кршење на човековите права.
Иако за ваквата информација нема официјална потврда, основа за ова, како што појаснуват од Американската амбасада во земјава, претставува претседателската одлука потпишана од поранешниот претседател на САД Џорџ Буш, а која сè уште важи.
Оваа публикација се прави како список со блокирани лица, односно лица чиј имот е блокиран, и ја уредува Федералната канцеларија за контрола на странски средства. Тоа е листа на лица и на фирми на кои им е забрането да влегуваат во САД и им се замрзнуваат сите сметки и целиот имот што го имаат таму. Американските бирократи не ја викаат црна листа, туку го користат називот „специјално определени личности“.
На црната листа неодамна беа ставени и некои од косовските имами, поради зголемување на јазикот на омразата и антисемитизмот во круговите на верските проповедници. На листата се имамите Шефчет Красниќи, Ирфан Салиху и Енес Рама.
Од Балканот, на списокот се Гафур Адили, како лидер на Албанската национална армија (АНА), Радован Караџиќ, Мирјана Марковиќ… Од Србија е и фолк-пејачката Светлана Ражнатовиќ. Таму е од 2003 година, кога беше уапсена во акцијата „Сабја“. Цеца сама сведочеше дека во 2012 година побарала виза за САД за да оди на турнеја, но била одбиена. Заведена е под шифра што означува тероризам и терористички групи.
Според администрацијата на САД, лицата или фирмите кои се ставаат на оваа листа се „закана за мирот и стабилноста, односно учествуваат или на различни начини го поддржуваат екстремното насилство“.