Русија им се закани на Данците: Со штитот на НАТО ќе станете - мета!

Не сум сигурен дека Данците во целост ги сфаќаат последиците, но доколку Данска се приклучи на одбранбениот штит под американско водство, данските бродови ќе станат легитимна мета на руските нуклеарни проектили, порачал амбасадорот на Русија.

Русија повторно предизвикала низа реакции поради својата реторика на Балтикот. Овој пат ја предупредила Данска дека нејзините бродови ќе бидат "легитимна мета" на можен нуклеарен напад, доколку таа држава се приклучи во одбранбениот штит на НАТО.

"Не сум сигурен дека Данците во целост ги сфаќаат последиците, но доколку се приклучи Данска на одбранбениот штит под американско водство, данските воени бродови ќе бидат легитимна мета на руските нуклеарни проектили", изјавил амбасадорот на Русија во Данска, Михаил Ванјин за тамошниот весник Jyllands-Posten, а го цитирал британски Daily Telegraph.

"Данска на тој начин ќе стане закана за Русија. Ќе има помалку мир, а односите со Русија ќе страдаат. Секако, одлуката е ваша - само сакам да ве потсетам дека вашите финансии со сигурност ќе страдаат. Истовремено, Русија има проектили кои сосема сигурно можат да го пробијат идниот глобален одбранбен систем", додал Ванјин.



На оваа не многу дипломатска изјава на рускиот дипломат, остро реагирал данскиот министер за надворешни работи, Мартин Лидегард, кој настапот на амбасадорот го оценил како "неприфатлив".

"Доколку навистина го изјавил тоа, тогаш е неприфатливо. Русија добро знае дека системот на НАТО е одбранбен и дека не е насочен кон Русија. Со Русија не се согласуваме за многу прашања, но и соработуваме, на пример на Арктикот, и важно е да не дојде до ескалации меѓу нас", додал данскиот шеф на дипломатијата.

Изјавата на Ванјин дошла кратко откако данската војска објавила извештај за блиските средби со руските воени авиони во данскиот воздушен простор. Во извештајот е наведено дека данските воени авиони се кренале 58 пати во текот на 2014-тата година за да ги истераат руските, што е два пати повеќе отколку во 2012-тата година.



Руските авиони притоа имаат навика да го исклучат транспондерот кога се доближуваат до западот на Балтикот, што се смета за маневар опасен и за цивилната авијација, и истовремено оневозможува идентификација на леталото, освен ако не се доближи друг авион и пилотот со око да го препознае.

Исто така, изјавата на Ванјин доаѓа 8 месеци откако Данска го најавила своето вклучување во одбранбениот систем на НАТО. Копенхаген ветил дека ќе инсталира специјални радарски системи на една или повеќе свои фрегати, за да се интегрираат во штитот.

Сепак, данскиот министер за одбрана, Николај Вамен, во последно време се обидува да ја смири Москва, и неколку пати рекол дека чекорите на Копенхаген не се насочени против Русија, туку против "терористички организации и држави кои се во состојба да лансираат проектили кон Европа и САД".



И покрај тоа, рускиот амбасадор е убеден дека НАТО настојува да ја обиколи неговата држава. "Данска е мала држава со мала војска. Добро, вие сте дел од НАТО, но многу мал дел. На Москва нема да и се допадне вашето вклучување во системот за одбрана, како што нема да и се допаднат и слични потези од други држави. Тоа ќе донесе ескалација на секако веќе напнатата ситуација и ќе ги влоши работите", рекол амбасадорот.

"Не можам да го замислам враќањето во времето на Студената војна. Сепак, има луѓе кои мислат дека НАТО се доближува до руската граница и ја засилува својата позиција. Тоа во Русија создава чувство на несигурност", додал тој.

Ванјин подоцна рекол и дека Балтикот од неодамна станал еден од најнепредвидливите делови од светот.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О