Црвено-црна магија: Висла изгоре во пеколот на Вардар!

Рапсодија во црвено-црно во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Вардар ја прегази полска Висла и се пласираше во четврт-финалето во ракометната Лига на шампиони!

Откако потфрлија на првиот натпревар во Полска, Вардарци вечерва ја покажаа својата вистинска сила, сила која ги фрли на колена ракометарите на Висла Плок. Полскиот тим не успеа вечерва да ја сочува предноста од шест гола стекната во првиот натпревар и изгоре во пеколот во „Јане Сандански“!

После десетина минути неизвесност и игра „гол за гол“, Вардар конечно успеа колку-толку резултатски да се одлепи и да подготви „терен“ за градење на потребната предност. Предноста полека но сигурно растеше, а во првите 30 минути највисока беше на две минути пред крајот кога скопските црвено-црни имаа 13:8. Сепак, на пауза заминавме со +4 (14:10), а во вториот дел следуваше вистинска експлозија на Вардар.



Се чини дека клучни беа првите 15 минути од второто полувреме кога избраниците на Раул Гонзалез играа страшна одбрана, а сето тоа резултираше со само еден скромен погодок на Висла. На другата страна Горбок, Карачиќ и Душебаев го полнеа голот на гостите и Вардар веќе обезбеди 10 гола разлика за вистинска ерупција во „Јане Сандански“.

До крајот разликата не падна под 8 гола, а највисоката предност изнесуваше 12 разлика. На крајот кончениот резултат гласи 31:20 и пласман на Вардар во четврт-финалето од ракометната Лига на шампиони.



Нова брилијантна партија одигра Алекс Душебаев кој постигна девет гола (седум во второто полувреме), а осум додаде Сергеј Горбок кој го носеше нападот на Вардар на свој грб во првиот дел од натпреварот. Седум гола постигна Игор Карачиќ, а на голот фантастичен беше Арпад Штербик со 12 успешни одбрани.

Во вторник ќе биде одржана ждрепката која ќе го одреди противникот на Вардар во четврт-финалето.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О