Еден ден после трагедијата во Алпите во која загинаа 150 луѓе, во јавноста се појавија приватни пораки на патниците и членовите на екипажот кои биле во авионот „Германвингс“ кој завчера се урна во Алпите. Особено потресни биле пораките кои ги испратиле децата од Халтерн кои се нашле на кобниот лет.
Тие биле на еднонеделна размена на ученици во Шпанија, а со авионот од нискобуџетната компанија требало да се вратат во Германија. Кога училиштето распишало конкурс за размена на ученици на програмата се пријавиле толку многу кандидати, што училиштето од Халтерн морало да организира лотарија, пишува „Јутарњи Лист“.
И покрај добриот помин во Барселона, светските медиуми пренесоа некои од последните пораки кои учениците од Шпанија им ги испратиле на своите најблиски во Германија, а во кои пишувало како одвај чекаат да се вратат дома. Една таква порака била испратена само неколку моменти пред падот на авионот, кој имал интернет конекција.
Меѓу 16-те загинати деца, била и 16-годишната Елена Блес, за која нејзините пријатели велат дека била весела девојка која сонувала да запише факултет и да го пропатува светот.
„Ми испраќаше пораки преку WhatsApp и Snapchat и беше многу задоволна од патувањето. Навистина добро си поминувала“, рекла Филипа, најдобрата пријателка од Елена.
„Ми испрати фотографии на кои сите беа заедно, изгледаше дека убаво се забавуваат“, додала таа.
„Многу од нив испраќаа пораки од самиот авион, пишуваа дека се качиле и дека одвај чекаат да слетаат во Германија. Ми пишуваа дека ми купиле подароци“, раскажала Филипа.
„Беа возбудени што се враќаат дома и што ќе ги видат своите семејства и пријатели. Елена и нашите останати пријатели имаа разни планови после враќањето. Едноставно не можам да верувам дека нема да се вратат“, рекла видно вознемирената Филипа.
Мајката на Елена, Анета Блес потврдила дека нејзината ќерка била во авионот и додала дека не е во состојба да даде било каква дополнителна изјава.
Филипа го опишала и моментот кога училиштето во Халтерн соопштило дека се затвора до понатамошно известување. „Ни кажаа само дека училиштето се затвора поради сериозен инцидент. Немавме поим за што се работи. Кога излегов од училиште, затекнав расплакани луѓе кои рекоа дека паднал авион, но не поверував веднаш. Мислев дека се` е кошмар“, раскажала таа.
Соученичка на Филипа, 17-годишната Малин опишала како таа дознала за трагедијата.
„Пријателка ми испрати СМС порака во која пишуваше дека се случило нешто страшно со авион. Кога дојдов на училиште, учениците расплакани трчаа по ходниците и викаа ’О, Боже!’. Беше грозно, сите беа во шок“, раскажала Малин.
Патниците кои се нашле на аеродромот во Диселдорф сведочат дека на терминалот каде што родителите ги чекале своите деца слушнале крици и плачење.
Директорот на училиштето во Халтерн рекол дека поради трагедијата не можел да спие. Пред училиштето се оставени многу свеќи и цвеќиња. Во придружба на децата биле и две наставнички.