За што живееме?

Напишано од: Дамјан Милошевски











Имам два испити денес, едниот во 11, другиот во 14 часот. Око не склопив синоќа, а треба да полагам, не еден, туку два предмети. Причината за неспиењето не се испитите и нивната тежина, во овој момент тие се неважни. Се прашувам, што и да завршам факултет, да направам кариера, да си го средам животот кога утре некој глупак од што е напален и нафуран и дека има кој ти знае каква кола од колку илјади евра и колку ли литри бензин троши на градска вожња може да ме прегази и тука да завршам? Тогаш се паѓа во вода, и мојата кариера и мојот успех и се што сум постигнал. Ова не сум само јас, ова може да биде било кој, можеш да бидеш ти, тој, таа, тоа, страшно. 
Страв ми е да излезам од дома, да појдам на факултет и да полагам, зашто не знам дали ќе стигнам или дали ќе се вратам дома жив и здрав какви и резултати да направам. Ќе поминам низ Партизанска, најголемиот булевар во Скопје, булеварот на кој синоќа непотребно и прерано животот го загуби 19 годишно девојче, девојче од мојот роден град, девојче кое го познавам, девојче со кое секогаш си разменувавме „Здраво" кога и да се разминевме близу комплексот факултети на кои студиравме, покрај тоа што бевме сограѓани бевме и колеги, побогу. Јас на ФИНКИ, таа на ФЕИТ. Зошто таа студираше, зошто дојде во Скопје, за вака ли да заврши, а? 

Затоа ли ја испратија во Скопје? Како ли им е сега ним? Каде живееме? Не се случува прв пат, по ѓаволите. Каков е овој живот, да ти е страв од дома да излезеш и да појдеш да си ги извршиш обврските. Не се фаќа женска со брзина и чалм, а таа женска што се пали на брзина и убави коли, побогу не може да се нарече женска. Како може да те пали брзина која може да те убие? Адреналин може да се качи и на друг начин. Хмм, како возач ова многу добро го знам дека брзината е многу опасна работа. Не си глуп и лош возач ако возиш 50 или 60 км на час бидејќи толку е напишано на сообраќајниот знак, совесен возач си, се грижиш за твојот живот, за животите на тие со тебе во автомобилот, на тие надвор на улиците. Животот не е Fast and Furious или Need for Speed па да си играме Холивуд по улиците, зарем самиот факт што еден од ѕвездите во овој филм загина во сообраќајка, брзината го уби, поголема поука од ова нема. Се викаше Пол Вокер, ќерка му остана без татко. А вчера, двајца родители останаа без своето чедо.

Синоќа заплакав колку заради жал кон девојчето, толку и поради страв за сопствениот живот, во главата не се вртеше она што го учев претходниот ден за испитите, ми се вртеше тоа што го слушнав, што го видов, девојче, прегазено до смрт, покриено со бела прекривка и патики разлетани на сред булевар. Господ е неправеден, затоа и понекогаш самиот себе си се убедувам дека е добро што не верувам, бидејќи Тој секогаш ги зема оние кои тоа не го заслужуваат. 

Нека почива во мир, нека биде лекција за сите оние кои мислат дека брзината ги прави фраери. Моето сочуство до семејството и најблиските на девојчето. Невидена трагедија, не е прва, не е последна, дали ќе има уште?

На крајот, го поставувам прашањето „За што всушност ние живееме?".
Еден одговор е најсигурен и најточен, за да умреме... некогаш

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О