До сега официјално Пекинг има изградено територија еднаква на површината на дури 1.500 фудбалски терени и на тој начин Кина го проширила просторот на кој остварува право на суверенитет, но сето тоа на меѓународни води, што претставува закана за слободата на движење, особено за САД.
CNN го наведува примерот за гребенот именуван како Суби кој се наоѓа на повеќе од илјада километри вон крајбрежјето на Кина, а кој наскоро би можел да прерасне во огромен вештачки остров на кој би требало да биде изградена аеродромска писта со должина од 3.000 метри.
Во меѓувреме, патролните авиони на Филипини и САД добивале опомени за да се оддалечат од сите вештачки острови кои ги градела Кина, која тврди дека поседува територијален интегритет и суверенитет над истите.
Непосредно потоа, од Вашингтон пристигнаа и остри одговори, при што морнарските лидери таквиот став на Кина го нарекоа апсуреден, додека шефот на Пентагон Еш Картер изјавил дека САД ќе лета, плови и работи секаде каде што меѓународното право го дозволува истото.
CNN наведува дека меѓународното право е на страната на САД наведувајќи дека во Конвенцијата на Обединетите нации за законот на море, т.е. според членот 121 пишува дека не постои правна основа за да се воспостави суверенитет над гребените или вештачките острови.
И покрај сето тоа, Кина на 24-ти април го опомена филипинскиот авион кој му се приближил на гребенот Суби да ја напушти кинеската територија, што се случило и на 26-ти мај, но овојпат со авион на американската морнарица кој бил дури осум пати опоменат за веднаш да ја напушти таа позиција.
- Претворањето на подводен камен во авионска писта едноставно не дава право на суверенитет и рестрикција на меѓународниот воздушен простор или поморски сообраќај, изјавил Картер неодамна во Сингапур.
Сепак, практичните одговори на САД беа прилично јасни, борбените бродови и воената авијација на 7-мата флота се наоѓаат во Јужното Кинеско Море, не обрнувајќи внимание на тврдењата на Кина дека тоа значи некаква повреда за нечиј територијален интегритет.
CNN наведува дека САД мора да работат на воено партнерство во тој регион и дека во конфликтот со Кина мора да остварат колку што е можно повеќе сојузници, пред сè тука мислат на Индија, Јапонија и Австралија.
