По минатогодишната полициска акција, вчера повторно дошло до инцидент, кога група вооружени лица отворила оган на припадници на полицијата кои биле на служба во Лазарат, јавува албанскиот портал Top-chanel.
Вообичаено, полицијата не смеела да влезе во селото и да им даде поддршка на своите колеги, па локалната полиција побарала помош од силите за брза интервенција "RENEA".
Полицијата и "RENEA" утрово започнале акција за апсење на луѓето кои пукале, а во моментот кога бил блокиран автомобил со неколку лица за кои постоело сомнение дека се вооружени, од две куќи од близина била пукано кон полицајците.
Првите податоци зборуваат за заседа на група која дава вооружен отпор, и за која се верува дека е сочинета од 15-тина лица. Истрелите од огнено оружје ги изненадиле припадниците на RENEA, пишува oranews.tv.
Во пресметката животот го загубил еден припадник на специјалните сили, кој зад себе имал и неколку операции во Авганистан, додека на двајцата ранети им била укажана лекарска помош и тие се надвор од животна опасност.
Кон Лазарат тргнале силни полициски групи, а акцијата ја предводеле министерот за внатрешни работи Саимир Тахири, директорот на полицијата Хаки Чако, како и обвинителот за тешки злосторства Аднанд Џоли.
Полицијата ја обиколила целата зона и поставила контролни пунктови на сите патишта.
Припадниците на полицијата и специјалните сили "RENEA" ја неутрализирале локалната вооружена група во селото. Во акцијата биле вклучени и воени хеликоптери, јавува албанскиот портал Top Chanel.