Во недела на 5-ти јули народот ќе излезе на референдум на кој ќе одлучи за тоа дали државата ќе ја продолжи соработката со Тројката или ќе тргне по свој пат, кој најверојатно води кон излезната врата на ЕУ. Меѓутоа, како дошло до најголемото задолжување во историјата?
Бесмислено позајмување
Првиот графикон ја покажува висината на каматата на обврзници во сопственост на државата. Со тек на време, по влезот во еврозоната, таа камата се стабилизираше, а се поради фактот дека кредиторите во тоа време на Грција и позајмуваа иста количина на пари како и Германија. Соочени со приливот „река од пари“, Грците започнаа да позајмуваат, и да позајмуваат…
Кога дојде до точката од која враќањето на големите долгови стана научна фантастика, Германија и останатите членки на еврозоната едноставно не сакаа повеќе да ја извлекуваат Грција од кризата.
Тоа доведе до првата паника на пазарот во 2010 година, од кога висината на каматите на вредноста на државните обврзници на Грција повторно вртоглаво растеше. Тие камати го оневозможија понатамошното позајмување на пари, а со самото тоа и неможноста за отплата на долговите.
Резултатите ги гледаме денес: Грција е инсолвентна и се наоѓа на работ од колапс, а еврозоната сепак не е онака хомогена и солидарна заедница како што инвеститорите и некои држави членки веруваа.
Долгот изнесува 172% од вкупниот БДП на Грција
Грција должи абнормална сума на пари, која изнесува 172 проценти од вкупниот бруто домашен производ на целата држава, што ја прави најзадолжена земја во еврозоната, но и пошироко. Она што дополнително го влошува фактот е недовербата на инвеститорите, кои Грција повеќе не ја гледаат како земја на која вреди да и позајмите пари и која вреди да инвестирате во неа. Истата недоверба која владееше за време на диктатурата на воената хунта, додека Грција беше надвор од Европската зедница. Никој повеќе на Грците не им позајмува пари по нормални каматни стапки, што едноставно не им дозволува нормално функционирање.
Една четвртина од жителите без работа
Проблемите на Грција најчесто се третираат како финансиска или политичка криза. Меѓутоа, кризата која е најзастапена е човековата криза. Во Грција во моментов 25 проценти од жителите се без работа, повеќе отколку во САД за време на Големата депресија. Сириза на Алексис Ципрас на власт дојде токму поради таа причина што на народот му вети работа и излез од должничкото ропство. Сепак, левичарите засега не ги исполнија своите ветувања, а Грците останаа со празни раце. Делува дека Грција е во безизлезна ситуација: Ако на референдумот се изгласа продолжување на соработката со кредиторите, тоа значи пад на владата на Ципрас и живот во долгови и остри штедења во наредните 50 години. Доколку народот изгласа прекин на соработката, тоа значи враќање на драхмата, излез од еврозоната и евентуално напуштање на ЕУ. Тоа државата ја става во една непријатна ситуација, а жителите на дополнителни маки.
Грчката рецесија е полоша од американската Голема депресија
Овој графикон доаѓа како продолжение на претходниот, и покажува дека кризата во Грција е далеку потешка од онаа која ги погоди САД во 1929 година. Имено, од 25 проценти невработени во Грција, повеќе од половината се млади лица, што е погубно за економијата на една земја. И покрај тоа што претходните пет години се придржуваа до драконските мерки за строго штедење, долгот и невработеноста пораснаа. Со други зборови, должничката криза целосно ја уништи грчката економија и можноста за отплата на финансиските обврски, но и вработувањето на нови лица.
Грците бегаат од земјата
Пред влезот во кризата, грчката популација растеше, Меѓутоа откако земјата падна во проблеми, популацијата нагло започна да опаѓа. За работите да бидат уште полоши, Грција ја напуштаат економски најпродуктивните жители, кои сакаат својот успешен бизнис да го продолжат некаде каде што ќе можат да профитираат. Европските земји со раширени раце ги чекаат и образованите млади луѓе со докторати, за кои Грција нема работни места.
Парите се излеваат од грчките банки
Неодамнешните слики од пензионерите кои беспомошно чекаат пред затворените банкомати (целосно испразнети минатиот викенд), ја отсликуваат незавидната ситуација во која се наоѓа Грција. Депозитите во грчките банки паднаа на најниско ниво во изминатата деценија. Причината за тоа е загриженоста на народот поради можниот излез од ЕУ. Драхмата или привремените хартиени пари (како можна замена за еврото) ќе вредат многу помалку од европската валута, па Грците решија навремено да се обезбедат, продолжувајќи да штедат во евра.
Ова повеќе не е криза на еврозоната
До пред неколку години, грчката криза беше криза и на еврозоната. Сепак, Грците не се единствени кои должат големи пари, има тука уште неколку држави кои имаат слични (всушност не толкави) проблеми. Ќе ги споменеме само Шпанија, Португалија и Италија. Овој графикон ја покажува цената на државните обврзници на Грција (портокалова), Португалија (сина), Шпанија (црвена) и Италија (зелена) во последните пет години. Графиконот покажува дека еврозоната „дигна раце од Грција“, препуштајќи ја сама на себе. Претходно еврозоната сметаше дека е неопходно да ја спаси Грција за доброто на целата Унија. Денес, членките сметаат дека Европа очигледно може да го преживее „Grexit“.
Графикони наречени парадокс
Официјалните податоци покажуваат дека Грција во изминатите пет години значително штедела, многу повеќе од останатите земји на еврозоната. Сепак, и покрај острите мерки за штедење, долгот станувал се поголем. Причината за тоа е што мерките за штедење целосно ја уништиле економијата и ги намалиле приходите на државата. Како што нобеловецот Пол Кругман изјави – „Грците можеби немаа избор освен да ги прифатат мерките за штедење. Но, секако тоа би бил друг пат кој би ги водел кон ист исход – пропаст“.
Еврото против доларот
Овој графикон ја покажува вредноста на еврото во однос на доларот, кој поприлично се одржа и покрај кризата во Грција, што уште повеќе придонесе за катастрофалната ситуација во таа држава. Во нормални услови, држава во ситуација како Грција би ја девалвирала (обезвреднила) сопствената валута со цел зголемување на туризмот и извозот. Меѓутоа, со оглед на тоа што Грција е дел од ситемот на еврото, и нема контрола над монетарната политика во еврозоната, девалвацијата не беше можна. Имено, монетарната политика на еврозоната ја контролира ЕЦБ, која речиси целосно ја контролира Германија. Значи, јасно е поради што монетарната политика на еврозоната многу повеќе и одговара на Германија, отколку на Грција. Без оглед колку тоа на некој му звучи контрадикторно, членството во еврозоната на Грција и донесе многу повеќе проблеми отколку корист.
Наплата на даноците
Кога станува збор за приходи од даноците, Грција е убедливо најлоша од сите членки на еврозоната. Неможноста за наплата не е предизвикувач на грчката криза, но поприлично создава проблеми при закрепнувањето на економијата. Графиконот го прикажува процентот на затајување на данок во Грција, каде речиси 90 проценти од жителите не плаќаат данок.
Две видувања на иста ситуација
На овој графикон, виолетовата линија ја претставува моменталната економска ситуација онака како што ја гледа грчкиот народ. Од 2000 година под будно око на елитата на Европската унија, (ЕК, ЕЦБ, ММФ, владата на Германија итн.) грчката економија доживеа целосен колапс, а народот беше зафатен од страшна беда.
Жолтата линија, од друга страна, ги претставува работите онака како што ги гледаат кредиторите. Според тоа сфаќање, Грција се наоѓа отприлика на истото ниво на кое би била кога би останала надвор од еврозоната и системот на еврото. Рекордниот просперитет од пред седум години не беше резултат на добрата економска политика, туку резултат на непромисленото кредитирање и сомнителната политика на тогашната влада. Во меѓувреме, Грција стана далеку посиромашна отколку што беше. Меѓутоа, гледајќи го глобалното ниво на сиромаштија во светот, Грците се далеку над најсиромашните светски земји. Како некој кој во моментов моли за помош, Грците се во задниот ред за милост, а пред нив се Индија, Гватемала и речиси сите африкански земји.
Гласот на Грција не се слуша во еврозоната
Грците сметаат дека тие речиси за ништо не се прашуваат во еврозоната, и во право се. Графиконот покажува дека само 23 проценти од Грците сметаат дека нивниот глас се смета за важен, додека огромното мнозинство мисли спротивно. Имајќи го во предвид ставот на останатите земји членки кон Грција, повеќето се во право. Од друга страна, речиси половината од Германците сметаат дека нивната држава нема големо влијание во еврозоната. Грците се чувствуваат потиснати од својата економска криза, а Германците поради тоа што они се тие кои мораат да ги решаваат грчките проблеми.
Корени на кризата
Корените на грчката криза се едноставни, барем според меѓународните кредитори. Имено, се до приемот во еврозоната, инвеститорите на Грција гледаа како на држава со просечна економија и лоша влада (во Грција до 1974 година владееше воената хунта, популарно наречена „Диктатурата на полковникот“). Грците во 1975 година поднесоа официјално барање за прием во Европската заедница и иако не исполнуваа некои од клучните услови, со оглед на тоа што земјата закрепнувала од диктатурата, на инсистирање на Германија процесот бил забрзан и Грција на 1-ви јануари 1981 година станува полноправна членка на европската заедница.
По приемот, кредиторите и инвеститорите на медитеранската држава повеќе не гледале како на ризично подрачје за инвестирање, туку како на меко подрачје за финансиско работење и економски напредок. Инвеститорите се чувствувале безбедно и инвестирале огромни суми на пари, сметајќи дека доколку дојде до проблеми, Грција како членка на еврозоната, од проблемите ќе ја извлечат оние кои ја воведоа – Германците.