Шпанските медиуми тврдат дека Серхио Рамос е свесен дека може да му се случи „Случајот Касиљас“ и затоа е одлучен во намерата да го напушти Реал Мадрид.
Заменик капитенот во екипата на Реал Мадрид, Серхио Рамос немал намера да седне на преговарачка маса со Перез и бил одлучен во намерата да се пресели во Манчестер Јунајтед.
Мадридските медиуми пренесуваат дека пропаднале сите надежи за постигнување на договор помеѓу Реал и Рамос. „Марка“ наведува дека Рамос бил тажен што на ваков начин заминува од Реал Мадрид, но исто така бил и повреден од одлуките на „некои луѓе“ во клубот и затоа донел таква одлука.
Сепак, на почетокот јасно е дека стануваше збор за пари. Рамос моментално во Реал заработува 5 милиони евра по сезона, а шпанскиот дефанзивец од управата на „Кралскиот клуб“ побарал нов договор вреден 10 милиони евра по сезона. Но, бил одбиен, односно му биле понудени „само“ 7,5 милиони евра.
Но, најмногу што го повредило Рамос е тоа што управата на Реал веднаш се обиде од него да направи неблагодарен играч и преку медиумите ги сврти навивачите против него. Рамос одлучил на крајот да не поминува низ сè што досега помина неговиот близок пријател Икер Касиљас, па најверојатно ова лето ќе се пресели во Манчестер Јунајтед.