"Претпоставувам, драг читателе, дека те интересира како можеш да станеш богат". Така започнува "Тајните на најголемите светски богаташи", текст на Сем Вилкин, по неколку годишното проучување на најбогатите луѓе во светот.
Вилкин, 41-годишен економист, работи како консултант во компанијата "Oxford Analytica" која нуди советодавни услуги за владите во повеќе од 50 држави.
Во светот има 1826 милијардери кои се само еден процент од популацијата. Вилкин со години ги проучувал макинациите и работните потези на супер богатите и тврди дека ги открил тајните за тоа како дошле до своето богатство, пишува Telegraph.co.uk.
Како некој може да стане милијардер? Веста е добра, вели Вилкин - сè полесно, пред се поради растот на финансискиот сектор и создавањето на нови пазари. Оваа година на листата на "Forbes" влегле нови 290 богаташи.
Иако се важни повеќе фактори за стекнување на богатство, Вилкин смета дека два се клучни - уништување на конкуренцијата и вложување на туѓи пари, а не на свои. Најдобри сектори денес за создавање на пари се фармацевтската индустрија и технологијата, но Вилкин има уште еден совет - започнете работа таму каде што никој друг не сака да работи.
"Најдоброто место за работа е всушност тоа најлошото", вели тој и додава дека најдобар пример за тоа е Роман Абрамович, кој започнал бизнис во комунистичка Русија. До 2004. година Москва имала повеќе милијардери од Њујорк, а денес ги има најмногу во земјите со најголем економски раст - Кина, Мексико, Бразил и Индија.
Но, за да се стане богат и уште побогат, не е доволно само да се знае што треба да се работи, туку голема улога има и карактерот.
"Најголемите богаташи се немилосрдни, имаат натпреварувачки дух. Мораш да бидеш подготвен на било што, за да бидеш победник, за да бидеш најдобар и да не се грижиш кого треба да прегазиш на тој пат", заклучува Вилкин.
Како да станеш богат?
- Прво одберете место каде би можеле да го преземете монополот на пазарот - така мексиканскиот милијардер, Карлос Слим, кој од 2010. до 2013. година бил најбогат човек на светот, ја преземал контролата на комплетните телекомуникации во Мексико.
- Ширете го бизнисот колку што е можно побрзо - Амазон така успеал да привлече инвеститори кои буквално "ставале" пари во компанијата.
- Најдоброто место за бизнис е всушност тоа најлошото - лесно е да се доминира на пазарите кои се развиваат и каде конкуренцијата е мала.
- Преземете ризик и инвестирајте туѓи средства - направете сè што можете да привлечете инвеститори и потоа коцкајте се со нивните пари.
- За да се збогатите мора да имате своја компанија и да бидете сопственик.
- Воспоставете своја работна мрежа - телеком мрежите и шпедитерските компании создале бројни милијардери.