Колку е сериозна ситуацијата во Кина, зборува и предупредувањето од Светската банка, дека втората економија во светот, доколку не спроведе реформи во банкарскиот систем, би можела да се збогува со 3-деценискиот економски раст.
Пред два дена, на полноќ, било официјално дека грчката влада нема да успее да го исплати долгот од 1,6 милијарди евра кон своите кредитори, ЕУ и ММФ. Последица од неуспехот на Грција е тоа што населението од банките дневно може да извади само по 60 евра.
Поради целата оваа ситуација, Грците се принудени да бараат алтернативи.
"Не знаете што може да се случи. Во мојот случај, јас имам пари, но сепак ги немам. Парите ми се во банка, но не можам да ги земам. Тоа е лудост. Парите во банка не се исто што и парите во рака", рекол еден сопственик на ресторан во Атина, пренесуваTelegraf.rs.
Еден грчки месар бил многу попесимистичен од својот сограѓанин.
"Немам пари за набавка за месо за следната седмица, поради контролата на капиталот. Порано или подоцна, веројатно овој месец, ќе мора да отпуштам 10 луѓе. Се купува со готовина, не со кредитни картички, а проблем се клиентите кои немаат "живи" пари", рекол овој месар.
Атинската берза го достигнала врвот во 2007-та година, а од тогаш паднала за 95 проценти.
Доколку треба да бараме причина за паника, Business Insider вели дека треба да погледнеме кон Шангај. Весникот сугерира дека грчката криза е "мал компир" наспроти Кина, каде се очекува пад на берзата.
Шангајската банка вчера скокнала за повеќе од 5 проценти, што претставува најголема дневна добивка од 2009-тата година. Овој скок доаѓа откако Народната банка на Кина ги намалила каматните стапки и резервите на банките, за да го зголеми кредитирањето.
Затоа Business Insider ги предупредува своите читатели да гледаат и кон иднината, бидејќи во Кина, како и во САД, скокот обично доаѓа кога ситуацијата е "очајна". Весникот го навел и примерот со САД, и пишува дека тоа е балон од нестабилна мешавина од потрошувачкиот, корпоративниот и владиниот долг. Пишуваат дека Кина и САД создале "два огромни балони со долгови", пренесува Telegraf.rs.
Претпријатијата во Кина должат околу 50 проценти од вкупниот долг на државата, а повеќето долгови доаѓаат од државните претпријатија. Вкупниот долг на Кина, вклучувајќи ги и владините, корпоративните и долговите на населението, е 280 проценти од бруто домашниот производ. Вкупните долгови на САД кон БДП се 331 процент, и за разлика од останатите развиени земји, овие стапки се многу големи.
Оваа година, кинеските брокери, кои се почетници, отвориле сметки во рекорден број, и ја вложиле сета своја заштеда. И потоа позајмиле пари за да можат "уште повеќе да си играат".
Економскиот раст на Кина во првите три месеци од оваа година бил намален за седум проценти, по најнискиот раст на бруто домашниот производ во последниот четвртина век од 7,4 проценти, кој бил забележан во 2014-тата година.
По повод оваа ситуација, Светската банка побарала од Кина да ги зголеми напорите за да го реформира финансискиот сектор во кој доминираат државните претпријатија.
Светската банка ги предупредила властите во Пекинг дека втората светска економија, доколку не спроведе реформи во банкарскиот систем, би можела да се збогува со 3-деценискиот раст, пренесува AFP.
Банката, со седиште во Вашингтон, смета дека, како што наведува француската агенција, Кина премногу се меша во активноста на банкарскиот сектор, што може да има пресудна улога сега кога економијата покажува загрижувачки знаци на забавување.