Додека во САД се прославувал Денот на независноста, американските борбени авиони полетале за да пресретнат два пара руски бомбардери во близина на бреговите на Алјаска и Калифорнија, изјавиле двајца службеници за одбрана, за американската мрежа Fox News.
Првиот инцидент се случил во близина на брегот на Алјаска во 10:30 часот по локално време. Двата авиони на американските воздухопловни сили, "F-22", полетале од базата на Алјаска, за да ги пресретнат двата руски стратешки бомбардери "Tu-95".
Вториот инцидент се случил половина час подоцна, во близина на централниот брег на Калифорнија, кога два авиони "F-16" полетале од непозната локација за да пресретнат уште еден пар руски бомбардери "Tu-95". Портпаролот на Американската воздухопловна одбрана, не сакал да потврди дали бомбардерите биле вооружени.
"Во ниеден момент, ниеден од бомбардерите не влезе во суверениот воздушен простор на северна Америка", рекол портпаролот. Никој не сакал да открие колку биле блиску бомбардерите до американскиот брег, известила американската ТВ мрежа. Сличен инцидент се случил и на 4. јули 2013. година.