Дефанзивецот на Барселона, Жерард Пике, поради навредите кои ги упати кон помошниот судија на мечот помеѓу Барса и Атлетик Билбао доби суспензија од четири натпревари. Казната на Пике експресно му ја изрече Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Шпанија.
Пике, во реванш мечот од Суперкупот на Шпанија, при резултат 1:0 за Барселона доби директен црвен картон бидејќи вербално го навредил помошниот судија. Во меѓувреме, дефанзивецот се извини за добиениот црвен картон демантирајќи дека го навредил судијата.
Пике поради суспензијата ќе ги пропушти натпреварите со Атлетик Билабо и Атлетико Мадрид (во гости), односно Малага и Леванте (на домашен терен).
Барселона најави дека ќе ја обжали одлуката на Дисциплинската комисија.
Инаку, реваншот во Суперкупот одигран во понеделникот заврши со резултат 1:1, по што трофејот со вкупно 5:1 му припадна на Атлетик.