Владата презема активности за создавање дополнителна вредност на македонскиот земјоделски производ. По низата програми од 2006 година за раст и развој на земјоделството, сега треба да тргнеме со уште покрупни чекори преку градење објекти за доработка и преработка на земјоделски производи.
Тоа го истакна заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, во обраќањето на ИПАРД форумот „Нови измени во ИПАРД програмата – подобри можности за користење на европските фондови“, што се одржа во Битола.
Според Коњановски, соработката со локалната самоуправа во Битола ќе се интензивира во наредниот период со цел да се реализираат што побргу заедничките проекти и да се искористат претпристапните европски средства преку ИПАРД програмата наменети за унапредување на земјоделските стопанства и за развој на капацитети што овозможуваат доработка и преработка на земјоделски производи.
- Во исто време преку претпристапната помош ќе може да се вложува во руралниот туризам. Ќе имаме добра можност да им презентираме на сите оние што се заинтересирани за развој на руралниот туризам да можат да ги искористат европските средства, бидејќи преку ИПАРД програмата и одредени мерки има средства што може да се искористат за изградба на хотели, мотели во руралните средини со капацитет од 30 до 50 легла, рече Коњановски.
Средствата, порача, треба што побргу да ги искористиме, со цел обезбедување дополнителни нови вработувања, но и нови вредности во руралниот туризам на Македонија.
Коњановски посочи дека од 2009 година на Македонија и се на располагање европски средства и оти досега се реализирани седум јавни повици и се искористени се 15,5 милиони евра, наменети за развој на земјоделството. И во Битола, истакна, има корисници на ИПАРД програмата.
Во врска со олеснување на административната постапка околу користењето финансии од ЕУ-фондовите, Коњановски одговори дека мора да се прилагодиме на европските правила на игра.
- Оваа претпристапна помош всушност е начин на прилагодување на моментот кога Република Македонија ќе влезе во ЕУ и ние токму сега мора да го изодиме тој пат, да знаеме како се подготвуваат тие документи, како се обезбедуваат градежни дозволи, како се пренаменува една земјоделска парцела во градежна. Понекогаш се потребни месец, два или три додека да се извадат потребните документи, но само со легални документи ќе може да се користат европски средства, наведе Коњановски.
Тој потсети дека ресорното Министерство овозможи легализација на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште со цел да можат да се извадат соодветни документи, градежна дозвола, и потоа лесно да ги користат европските средства.
Според Коњановски, на барање на Здружението на земјоделците, на Сојузот на земјоделците на Македонија и Федерацијата на фармерите на РМ, Владата го продолжи рокот за легализација на земјоделска механизација поради големиот интерес. - Сметаме дека е добро рокот да биде продолжен за да можат сите земјоделски стопанства да си ги легализираат тракторите, комбајните и останатата земјоделска механизација. Тоа е во функција на самите земјоделци, а потоа и во функција на државата бидејќи добиваме поголема безбедност во сообраќајот, и можност на легален начин земјоделците да си ги управуваат своите трактори по патиштата, нагласи Коњановски.
Досегашниот градоначалник на Битола и кандидат за уште еден мандат Владимир Талевски оцени дека соработката со Министерството за земјоделство е од големо значење.
- Нашиот концепт е да ги разоткриеме сите ресурси и вредности и истите да ги ставиме во функција. Веќе изработивме детален урбанистички план за еден голем откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи, а и во иднина ќе продолжиме така затоа што ИПАРД програмата дава голема помош и им овозможува на земјоделците да ја реализираат нивната идеја. Како локална самоуправа стоиме на располагање со целиот капацитет да им излеземе во пресрет на сите земјоделци коишто сакаат да инвестираат и да ги користат европските средства. На тој начин создаваме услови да го решаваме еден од најголемите проблеми на граѓаните, а тоа е невработеноста.