Поранешниот фудбалер на Фенербахче Емануел Еменике, е ослободен од обвиненијата дека учествувал во местење натпревари во турското првенство, пренесоа медиумите од оваа земја.

Еменике, заедно со челниците на турскиот фудбалски гигант беше обвинет дека наместил неколку пресметки во 2011-та година.
Обвинителите тврдеа дека на овој фудбалер, кој во тој период ги бранеше боите на Карабук, му бил ветен трансфер во редовите на Фенербахче, а во замена за тоа морал да лажира повреда и да не настапи во дуелот со клубот од Истанбул.
Нигерискиот фудбалски интернационалец секако ги отфрли сите вакви обвинувања, а во демантот тврдеше дека се повредил само една недела пред натпреварот, а за тоа може да посведочи и извештајот на лекарите.
Сепак, не му беше лесно да го објасни подоцнежниот развој на настаните, кога навистина се пресели во Итанбул и во тимот на Фенербахче. Вредноста на трансферот кој се случи во мај 2011-та не беше објавена, меѓутоа Еменике не одигра ниту еден меч за турската екипа и по три месеца замина во Спартак од Москва.
Турските медиуми наведуваат дека судот во Истанбул го ослободил Еменике, поради „недостаток на уверливи докази“.