Грција има други приоритети и сега не е заинтересирана за решавање на
спорот со името, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски.
За тоа дали има некаков нов развој во спорот со името, во разговор за
Радио Слободна Европа, Попоски вели дека Македонија се обиде да внесе
некаква динамика во процесот и е заинтересирана за тоа што ќе слушне од
Атина.
- Всушност, ние во моментов повеќе сме заинтересирани
што ќе слушнеме од Атина, бидејќи Атина е причината што ние не можеме да
ги започнеме преговорите за членство во ЕУ веќе неколку години, и
покрај позитивните препораки. Ние се обидовме да внесеме некаква
динамика во тој процес, кој се одвива под покровителство на господин
Нимиц. Очекуваме да го подигнеме нивото, да се вклучат премиерите на
двете земји, поголема политичка посветеност и Македонија веќе да не биде
држена како заложник во евро-итеграцискиот процес на регионот, изјави
министерот Попоски.